Убиецот на Вања непречено беседеше на „Инфомакс“, со говори полни со омраза и насилство

Двојното убиство на велешанецот Панче Жежовски (74) и Вања Ѓорчевска (14) силно ја потресоа македонската јавност. И двете убиства, според надлежните институции, се поврзани и упатуваат на автор на подкастот „Тешки Муабети“ на порталот „Инфомакс“ и основач на партијата Десна, Љупчо Палевски Палчо.

Контроверзниот Палевски неколку години беше водител и гостин на емисии на интернет порталот „Инфомакс“ на кои изнесуваше ставови полни со говор на омраза и повици за насилство.

– Власите лажат, крадат, водат политика во име на Македонците и Таче е Влав, се дерат Македонија, Македонија, затоа што мислат дека Александар Македонски е Влав, што е тешка глупост ама нашиве историчари не треба да се замерат. Оваа држава треба да се запали, да не постои – изјави Палевски во емисија на Инфомакс на 11 ноември, лани. Дополнително, тој во неколку наврати се закануваше и кон други јавни личности, политички неистомисленици и новинари.

– На пример последните 3-4 години едно 5-6 пати ме затвора лезбечава, еве сега, ово оно тотално искористената глуперда за туѓи нарачки нормално, притоа меша фамилија по нарачка на Мицика, а јас неговото магаре Јован не сум го спомнал, ниту ќе го спомнам, не ради Мицика, туку ради мене самиот, детето не е криво за ништо. Мики Кикирики е друга приказна, за него се секирам едино ако пред мене го сретне СТЕВЧЕ, ќе го згази као гомно и тоа онака како КОЗЈА лепешка, тоа ме плаши затоа што Миљено ќе пројде полесно од она што му го планирам – ќе каже Палевски и ќе дополни – па после и текна ДА ГИ ЛАПА НА МЕЧКА ЈАЈЦАТА што мене искрено ме збуни, ЛЕЗБАЧАТА на стари години да се откаже и да стане ХЕТЕРО само по себе е преседан.

Вакви ставови од страна на Палевски имаше во огромен број и никој, ниту од порталот кај што беше чест гостин, ниту од надлежните институции немаше реакција и осуда.

Ко-водителите на проектот „Тешки Муабети“, кои заедно со Палевски го водеа подкастот вчера дадоа изјава дека се надеваат дека Палевски е невин.

– Искрено се молам дека овие информации ќе се покажат како неточни, искрено. Сме имале некоја некоја друга идеа, никој не можел да претпостави дека позади човек кој што имал некаква патриотска идеа или така зборувал, може да се кријат вакви работи. Навистина не знам што да кажам, рече Александар Митовски, уредникот на „Инфомакс“.

Митовски најави дека од сега, па натака ќе внимавале какви гости ќе покануваат во емисијата.