
Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс и Милвоки Бакс се пласираа во полуфиналето на НБА меѓусезонскиот турнир, односно нововоспоставеното натпреварување пандан на европските национални купови, по синоќешните победи над Феникс Санс односно Њујорк Никс.
Леброн Џејмс постигна 31 поен и впиша 11 асистенции, Ентони Дејвис додаде 27 поени и 15 скока за Лос Анџелес Лејкерс кои ги победија гостинаките Феникс Санс со 106:103. Остин Ривс додаде 20 поени за Лејкерси кои во четврток во Лас Вегас во полуфиналето ќе играат против Њу Орлеанс Пеликанс.
Милвоки Бакс, пак, ќе се соочат со Индијана Пејсерс во другиот полуфинален натпревар, исто така во четврток. Финалето е закажано за в сабота.
Кевин Дурент беше на чело со 31 поен за Санс, кои загубија по третпат во последните четири натпревари по серијата од седум победи. Феникс загуби два од пет натпревари на турнирот, и двата против Лос Анџелес.
Девин Букер и Грејсон Ален постигнаа по 21 поен за Санс, а Букер имаше и 11 скока.
Санс поведоа со 95:94 по „тројката“ на Дурент на 5,45 минути до крајот, но потоа останаа повеќе од четири минути без кош од поле, бидејќи Лејкерс поведоа со 102:97 во преостанати 2,20 минути по шест последователни погодоци на Џејмс.
Дурент ја прекина „сушата“ за Феникс со кошот кој ги донесе Санс на 99:102 на нешто повеќе од една минута до крајот, а Букер постигна и два поена, па Санс стигнаа до 101:102 на 30 секунди до крајот.
Откако ги промаши првите пет шута од последната четвртина, Ривс уфрли „тројка“ на 15 секунди до крајот за водство на Лејкерси од 105:101. Дурент направи брзо положување за да ги доведе Санс на 103:105, а Дејвис погоди едно од двете слободни фрлања на 6,6 секунди до крајот и го зголеми водството на Лејкес на 106:103. На крајот, на звукот на последната сирена, Дурент промаши обид за „тројка“.
Милвоки Бакс на домашен терен го победија Њујорк Никс со 146:122 и на тој начин се пласираа во полуфиналето на турнирот. Ги предводеше Јанис Адетокумбо со 35 поени, 10 асистенции и осум скока, а Демијан Лилард постигна 28 поени со седум асистенции. Малик Бисли погоди шест „тројки“ за вкупно негови 18 поени за Бакс.
Кај Никс, најдобар играч беше Џулиус Рендл, кој го заврши натпреварот со сезонски рекордни 41 поен. Џејлен Брансон постигна 24 поени, а Ри Џеј Барет имаше 23 поени и осум скока за Никс.