Министрите на ЕУ ги разгледуваат следните чекори како одговор на војната меѓу Израел и Хамас

Министрите за надворешни работи на Европската унија во понеделникот ги разгледаа можните следни чекори како одговор на кризата на Блискиот исток, вклучително и сузбивање на финансиите на Хамас и забрана за патување на израелските доселеници одговорни за насилството на Западниот брег.

На состанокот во Брисел, министрите од 27-те земји од блокот ќе разговараат и за идната безбедносна помош за Киев со нивниот украински колега Дмитро Кулеб.

Додека претставниците на ЕУ инсистираат дека помагањето на Украина да ја одбие руската инвазија останува главен приоритет, избувнувањето на војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас го принуди блокот повторно да се фокусира на Блискиот исток. Војната ги разоткри долготрајните и длабоките поделби околу поширокиот израелско-палестински конфликт меѓу земјите на ЕУ.

Меутоа, министрите ќе се обидат да најдат заеднички јазик и да размислат за документ подготвен за дискусија, кој прикажува широк опсег на можни следни чекори.

Хамас веќе е наведен како терористичка организација од Европската унија, што значи дека сите средства или имоти што ги има во ЕУ треба да се замрзнат. ЕУ во петокот соопшти дека го додала Мохамед Деиф, главниот командант на военото крило на Хамас, и неговиот заменик, Марван Иса, на листата на терористи под санкции.

Документот за дискусија, во кој увид имал Reuters, сугерира дека ЕУ би можела да оди подалеку со таргетирање на финансиите и наводните дезинформации на Хамас. Земјите од ЕУ, вклучително и Франција и Германија, наведоа дека веќе работат заедно за да промовираат такви предлози.

Високи претставници на ЕУ, како што е шефот за надворешна политика Жозеп Борел, исто така изразија загриженост поради порастот на насилството од страна на израелските доселеници врз Палестинците на окупираниот Западен брег. Предложениот документ сугерира дека одговорот на ЕУ може да вклучи забрана за патување од ЕУ за одговорните за насилството, како и други санкции за кршење на човековите права.

Франција минатиот месец рече дека ЕУ треба да ги разгледа таквите мерки. И белгискиот премиер Александар Де Кро минатата недела рече дека на „екстремните доселеници на Западниот брег“ ќе им биде забранет влезот во неговата земја.

Дипломатите велат дека, сепак, ќе биде тешко да се постигне едногласност потребна за забраните ширум ЕУ, бидејќи земји како Австрија, Чешка и Унгарија се цврсти сојузници на Израел. Но, некои сугерираа дека минатонеделната одлука на САД, најголемиот поддржувач на Израел, да започне со воведување визна забрана за луѓето вклучени во насилството на Западниот брег може да ги поттикне земјите од ЕУ да преземат слични чекори.