
Поради продолжување на штрајкот на синдикатот на Државниот испитен центар, кој беше ставен во мирување во мај оваа година, нема да се спроведе стручниот испит за наставници и стручни соработници за приправници, а нема да се реализира ниту основната обука за директори.
Како што изјави денеска Емилија Бошковска од Синдикатот на ДИЦ, штрајкот продолжува поради немање на задоволителен одговор од Министерството за финансии за покачување на платите на 26 вработени, односно нивно изедначување со платите на наставник ментор. Таа потенцираше дека платите во Државниот испитен центар се за 25 проценти помали од оние на наставник ментор. Станува збор околу 26 вработени лица.
Бошковска потенцира дека нема да се спроведе стручниот испит за наставници и стручни соработници, а се загрозува и спроведување на матурата.
-Во овој момент требаше да се случува стручниот испит за наставници и стручни соработници за приправници. Тоа е нешто во кое се инволвирани и засегнати околу 700 лица кои се пријавени во овој испитен рок. Тие 700 лица очекуваат да полагаат да го положат испитот и да им се трансформира работниот однос до крајот на годината, но во овој случај испитот нема да се случи. Тоа е нешто што сега можеби е поактуелно и од матурата и покрај тоа што матурата од 1 јануари ќе биде пополнување и изјаснување на учениците и внесување во системот на предмети, рече Бошковска.
Таа додаде дека последните седум месеци имаат директни и индиректни преговори со Министерството за финансии, со посредство на Министерство за образование.
-Во овој период изготвивме неколку измени на колективниот договор и по два месеца чекавме одговори. На последниот предлог уште немаме одговор и јасно ни е дека сето ова беше одолговлекување, па решивме дека иако не сакаме, да преминеме во реактивирање на штрајкот од претходниот период, потенцираше Бошковска.