Израел го интензивира бомбардирањето на Појасот Газа

Израел го засили бомбардирањето на Појасот Газа во текот на ноќта кон неделата, при што загинале најмалку 60 луѓе, соопштија Палестинците, откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека заложниците може да се ослободат само со силен воен притисок врз Хамас.

Паралелно со бомбардирањата, долж целата енклава се водат жестоки борби, а комуникациите се прекинати четврти ден по ред, што го отежнува пристапот до ранетите, велат жителите на палестинската енклава и милитантите.

„Прекинот на комуникациите во Газа е најдолг од почетокот на израелската ескалација“, објави палестинската Црвена полумесечина на X.

Високи израелски и катарски претставници, наводно, се состанале во Норвешка последните денови за да разговараат за размена на преостанатите заложници киднапирани од Хамас за палестински затвореници во израелските затвори. Но, Хамас во неделата објави дека нема да влезе во преговори за понатамошна размена на затворениците без прекин на израелските воени дејствија во Газа.

Нема знаци на компромис, а насилството е сѐ посилно.

Цел на нападот е, меѓу другото, бегалскиот камп Џабалија на северот од Појасот Газа. Во напад на семејна куќа загинаа 24 лица, а десетици се повредени, јави радиото Aksa кое е блиско на Хамас, цитирајќи го директорот на Министерството за здравство.

Дванаесет Палестинци беа убиени, а десетици повредени во Деир ал-Балах во централниот дел на енклавата, а најмалку четири биле убиени во Рафа на југот од тесната енклава, на каде што израелската војска ги упатуваше претходно цивилите од северот за да ги избегнат борбите.

Според палестинските здравствени власти, речиси 19.000 Палестинци досега загинале, а илјадници други останале под урнатините.

 

Израелски загуби

Израелската армија во неделата објави дека 121 израелски војник биле убиени од почетокот на копнената офанзива на Појасот Газа на 27 октомври. Во оваа бројка не се вброени воените и другите жртви од израелските безбедносни служби во ненадејниот напад на милитантите на Хмс од 7 октомври, а кој според тогаш објавените податоци изнесуваат 312 луѓе, од вкупно 1.200 жртви во масакрот во јужен Израел.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху прочита писмо за кое тврди дека е напишано од членови на семејствата на загинатите војници на седмичниот состанок на неговиот кабинет во неделата.

„Имате мандат да се борите. Немате мандат да застанете на половина пат“, ја цитираше Нетанјаху пораката од писмото и порача „Ќе се бориме докрај“.

Бројот на загинати израелски војници е веќе двојно поголем од бројот на загинати во копнената офанзива во 2014 година.