
Цените на нафтата пораснаа на меѓународните пазари за дури еден процент во петокот, поради продолжувањето на тензиите откако јеменските Хути нападнаа бродови во Црвеното Море.
Цената на барелот на лондонскиот пазар се зголеми за 71 цент во однос на затворањето на тргувањето во четвртокот, на 80,10 долари. На американскиот пазар, пак, со барелот се тргуваше за 81 цент поскапо, по 74,70 долари.
Цените на фјучерсите на двата пазари се на пат за неделен раст од речиси 5 отсто, поттикнати од зголемените геополитички ризици поради нападите на Црвеното Море и можните пореметувања во поморските операции.
Одделно, Организацијата на заемјите извознички на нафта (OPEC) објави дека нафтената кошничка на нејзините членки во четвртокот паднала за 40 центи на 80,84 долари за барел.
Неколку бродски компании го избегнуваат Црвеното Море поради нападите врз бродовите на милитантната сунитска заедница Хути, кои на тој начин одговараат на израелската војна во палестинската енклава Појасот Газа. Нападите предизвикаа прекини во глобалната трговија преку Суецкиот канал, низ кој минува околу 12 отсто од светската трговија. Соединетите држави во вторникот иницираа мултинационална операција за заштита на трговијата во Црвеното Море, но Хутите најавија дека ќе продолжат со нападите.
„Долготрајноста на влијанието врз цените зависи целосно од должината на времето во кое бродските компании продолжуваат да ја избегнуваат областа“, смета Џон Еванс од PVM.
И покрај геополитичките тензии кои ги поддржуваат повисоките цени на нафтата, цените паднаа во четвртокот откако Ангола објави дека ќе ја напушти Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC). Африканската земја, која произведува околу 1,1 милион барели нафта дневно, рече дека членството во организацијата не оди во прилог на нејзините интереси, протестирајќи против одлуката на пошироката групација OPEC+ да ја намали производната квота членката во 2024 година.
„Иако таквиот курс беше сосема предвидлив поради позицијата на Ангола на последниот состанок на OPEC, тој потсетува на растечките поделби кои можат да го загрозат единството на групата во иднина“, додава Еванс.