Раст на Волстрит осма седмица со ред, претпазливо тргување на европските берзи

На њујоршки Волстрит цените на акциите пораснаа минатата седмица, осми со ред, бидејќи инвеститорите очекуваат намалување на каматните стапки на американската централна банка (Federal Reserve – Fed) следната година, додека на другите големи берзи во светот се тргуваше претпазливо.

На европските берзи, пак, минатата седмица инвеститорите беа доста повнимателни. Лондонскиот FTSE индекс зајакна за 1,6 отсто, на 7.697 поени, додека франкфуртски DAX ослабе за 0,3 отсто, на 16.706 поени, а париски CAC за 0,4 отсто, на 7.568 поени.

На најголемата светска берза Волстрит, пак, индексот Dow Jones минатата седмица зајакна 0,2 отсто, на 37.385 поени, додека S&P 500 порасна за 0,7 отсто, на 4.754 поени, а индексот Nasdaq за 1,2 отсто, на 14.992 поени.

Во текот на трговската седмица индексот Dow Jones достигна рекордно ниво, а раст на индексите од осум седмици со ред не е забележан од 2019 година. Последен пат кога индексот S&P 500 порасна осум седмици со ред беше во 2017 година.

Ова е благодарение на верувањето на инвеститорите дека американската централна банка го заврши циклусот на зголемувања на каматните стапки, со оглед на постепеното ублажување на инфлацијата и проценуваат дека следната година ќе следи намалување на каматните стапки. Оваа теза е поткрепена со индиции за забавување на економскиот раст.

Минатата седмица беше објавена третата проценка на бруто домашниот производ (БДП), која покажа дека американската економија пораснала малку побавно од очекуваното во третиот квартал. Забавувањето на растот значи дека и инфлацијата би можела да попушти, па се интензивираа шпекулациите дека централната банка Fed би можела да почне да ги намалува каматните стапки уште во март следната година.

„Послаб економски раст од очекуваниот значи дека Fed не треба да отстапува од насоката што неодамна ја објави“, смета Питер Туз, претседател во компанијата „Chase Investment Counsel“.

Благодарение на ова, цените на акциите силно пораснаа последните седмици, па индексите се движат не далеку од највисоките нивоа во историјата. Но, во средата, берзанските индекси паднаа за повеќе од 1 отсто, што укажува на неизвесност на пазарот, бидејќи порастот на цените на акциите главно се засноваше на шпекулациите за претстојното намалување на каматните стапки.

И додека челниците на Fed проценуваат дека следната година ќе ги намалат каматните стапки трипати, најверојатно за по 0,25 процентни поени, Волстрит шпекулира дека намалувањето на каматните стапки би можело да се случи дури шест пати следната година, почнувајќи од март. Сепак, ова се само проценки, а натамошните реални економски показатели ќе зависат од тоа што ќе направи Fed.