ВИДЕО| Во пожар во топилница за никел во Индонезија загинаа 13 работници а 46 се повредени

Тринаесет работници загинаа а 46 други се повредени во неделата во пожар во печка за топење никел во сопственост на компанијата „Indonesia Tsingshan Stainless Steel“ (ITSS) на островот Сулавеси, изјави сопственикот на индустрискиот парк каде што се наоѓа топилницата.

Пожарот избувнал кога работниците ја поправале печката и поставиле плочи во неделата во 5,30 часот по локално време (21,30 часот по Гринич во сабота), при што загинаа девет индонезиски работници и четворица кинески работници, се вели во соопштението на индустрискиот парк „Indonesia Morowali Industrial Park – IMIP). Пожарот бил изгаснат по речиси четиричасовна интервенција, се додава.

Претходно беше објавено дека во експлозијате загинале осум индонезиски и пет кинески работници.

Печката била исклучена еден ден претходно за да се подготви за одржувањето, соопшти IMIP, но за време на процесот на одржување вишокот железна згура истекувал од печката.

„Ѕидовите на печката потоа се урнаа, а преостанатата железна згура истече, предизвикувајќи пожар и резултирајќи со повреди, па дури и смртни случаи на некои работници на локацијата“, наведува во посмената изјава портпаролот на IMIP, Деди Курнијаван.

Работниците се повредени од врелата пареа од згурата од не’рѓосувачки челик и од запалениот оган, изјави Деди во посебно интервју за локалната станица Metro TV. Немаше експлозија или канистер со кислород на лице место, рече тој, ревидирајќи ја претходната изјава на компанијата.

IMIP е индустриски парк фокусиран на никел, во сопственост на кинеската компанија „Tsingshan“ и нејзиниот локален партнер „Bintang Delapan Group“, кои произведуваат нер’ѓосувачки челик и јаглероден челик. ITSS е еден од закупците во индустрискиот парк, соопшти IMIP.

Се додава дека IMIP ќе се координира со инволвираните страни за да го истражи инцидентот и да ги покрие сите трошоци за лекување на жртвите, соопшти компанијата.

Никелот станува сè поклучен за богатата со ресурси Индонезија, најголемиот светски производител на никел, со милијарди долари глобални инвестиции кои се влеваат откако владата го забрани извозот на непреработена руда во 2020 година. Најголемата економија во југоисточна Азија се обидува да развие сектори за дообработка во индустријата за никел и да привлече големи инвестиции од производителите на електрични возила и батериите потредбни за нив.

Сепак, последниве години се случија неколку фатални несреќи во индустријата за преработка на никел во Индонезија. Претседателот Џоко Видодо настојува да го развие секторот, но, исто така, повика на подобрувања во безбедноста и вети дека ќе го подобри следењето на еколошките стандарди.