Во израелските воздушни напади убиени десетици луѓе во една од најсмртоносните ноќи на војната

Во израелските воздушни напади загинаа најмалку 78 лица во Газа, соопштија палестинските здравствени власти, во една од најсмртоносните ноќи во опколената енклава за време на 11-неделната војна на Израел со палестинското движење Хамас.

Нападите започнаа во часовите пред полноќ и продолжија во текот на Божикното утро, според Грегоријанскиот календар. Жителите и палестинските медиуми соопштија дека Израел го засилил воздушното и копненото гранатирање на Ал Буреиџ во центарот на Појасот Газа.

Папата Франиск претходно во пораката од бадниковата литургија во Ватикан рече дека пораката на Исус за мир била задушена од „залудната логика на војната“ во земјата каде што е роден.

Најмалку 70 лица загинаа во израелски воздушен напад врз Магази во центарот на Газа, изјави портпаролот на Министерството за здравство, Ашраф Ал-Кидра, додавајќи дека најголем дел од жртвите се жени и деца.

Израелската војска соопшти дека го разгледува извештајот за „инцидентот“ во Магази и дека е посветена на минимизирање на штетата на цивилите.

Хамас ги негира обвинувањата дека Израел дејствува во густо населените области или користи цивили како жив штит.

Палестинската Црвена полумесечина објави снимка на ранети жители кои се транспортираат во болници. Израелски воени авиони ги бомбардираа главните патишта, попречувајќи го минувањето на возилата за итни случаи, известуваат новинските агенции повикувајќи се на очевиди.

Лекарите соопштија дека осум Палестинци биле убиени во израелски воздушен напад врз Хан Јунис во јужниот дел на Газа.

Свештениците ги откажаа прославите во Витлеем, палестинскиот град на Западниот брег, енкалва окупирана од Израел, каде што христијанската традиција вели дека Исус е роден во штала пред 2.000 години. Палестинските христијани наместо вообичаените прослави, одржаа божикно бдение со свеќи во Витлеем со песни и молитви за мир во Газа.

Немаше големо дрво, вообичаеното централно место на божиќните прослави во Витлеем. Помеѓу урнатините и бодликавата жица беа поставени фигури на Христовото раѓање во црквите во знак на солидарност со жителите на Газа.

Хамас и помалиот милитантен сојузник Исламски џихад, кои ветија дека ќе го уништат Израел, се верува дека држат повеќе од 100 заложници од 240-те што ги заробија за време на нападите врз израелските градови на 7 октомври, кога убија 1.200 луѓе.

Оттогаш, Израел го опколи тесниот Појас Газа и уништи голем дел од него, убивајќи повеќе од 20.400 луѓе, според властите во Газа со која владее Хамас. Се верува дека уште илјадници се мртви под урнатините.

Огромното мнозинство од 2,3 милиони жители на Газа се протерани од своите домови, а Обединетите нации велат дека условите се катастрофални.