
Израелските сили го нападнаа во средата центарот на Газа по копно, од море и од воздух, прекинувајќи ги телекомуникациите низ поголемиот дел од енклавата, попречувајќи ги напорите да се дојде до палестинските жртви, откако командантот на израелската армија соопшти дека војната против Хамас ќе трае со месеци.
И покрај глобалните повици за прекин на огнот, началникот на Генералштабот на Израел, Херци Халеви, рече дека 11-неделната војна ќе трае „многу месеци“ и дека нема „магични решенија“ или „кратенки“.
Во Ал-Магази, централниот округ Газа, пет Палестинци беа убиени во воздушен напад, соопштија медицинските лица, додека здравствените власти во северниот дел на градот Газа соопштија дека телата на седумте загинати Палестинци пристигнале во болницата „Ал Шифа“ во текот на ноќта.
Жителите пријавија тешки борби источно и северно од областа Ал-Буреј и во блиското село Јур Ад-Дик, каде што тврдат дека се стационирани израелски тенкови.
Израелската армија во средата соопшти дека уште тројца војници биле убиени во копнената воена операција во Газа, со што вкупниот број се искачи на 166 од почетокот на копнените операции на 27-ми октомври, несметајќи ги 318-те убиени припадници на израелските одбранбени формации во нападот на Хамас од 7-ми октомври во јужен Израел. Бројот на загинатите Палестинци во израелските напади се приближува до 21.000, според податоците на Министерството за здравство во Газа.
„Во овие болници во моментов има крв насекаде“, рече Шон Кејси, координатор на тимот за итни случаи на Светската здравствена организација (СОЗ- WHO). Додаде додаде дека никаде во Газа не е безбедно. „Тоа е крвопролевање, како што рековме претходно, тоа е масакр“, рече Кејси.
Палестинската Црвена полумесечина објави дека целосно изгубила контакт со своите тимови во Појасот Газа поради прекин на телекомуникациите и интернет услугите.