
Студентот кој уби 14 луѓе и рани уште 25 други пред да си го одземе животот минатата седмица во Прага, во проштална порака го признал убиството на мажот кој шетал со своето бебе една седмица претходно, изјави во средата портпаролот на чешката полицика.
Писмото во кое напаѓачот, кого медиумите го идентификуваа како студентот Давид Козак, признава двојно убиство без мотив е пронајдено при претрес на куќа во Хостун, западно од Прага, каде напаѓачот живеел со својот татко, изјавил портпаролот за новинскиот портал novinky.cz.
„Во моментов не можеме да ја објавиме преостанатата содржина на писмото“, додава полицискиот портпарол, објаснувајќи дека тоа може да ја загрози истрагата и собирањето докази.
Резултатите од балистичката анализа на огненото оружје пронајдено во куќата претходно покажаа дека студентот можеби е одговорен и за ова двојно убиство во шумата Клановицки во близина на Прага. Злосторството го шокираше чешкото општество пред пукањето во Прага минатиот четврток.
Во петокот, една седмица пред масакрот на Карловиот универзитет, беа пронајдени застрелани двомесечно девојченце во бебешка количка и нејзиниот 32-годишен татко во шумата Клановицки. Според чешките медиуми, убиецот испукал четири куршуми во главата на таткото, а бебето го застрелал во стомакот. Во моментот на убиството таткото го туркал бебето во количка.
Според доказите со кои моментално располага полицијата, 24-годишниот студент го застрелал својот татко непосредно пред пукањето од главната зграда на Филозофскиот факултет на Универзитетот Чарлс на плоштадот Јан Палах.
Студентот успеал легално да набави арсенал оружје без да се посомневаат властите, бидејќи имал дозвола за оружје и немал претходни пресуди.