
Во 2023 година, Германија повторно се најде соочена со огромен прилив на бегалци со истовремен, дотогаш незамислив, пораст на популарноста на десничарските сили во земјата.
Дури и на новогодишната ноќ, млади луѓе на улиците на берлинскиот кварт Нојкелн нескромно дерско и без никакви задршки ги нападнаа полицајците, пожарникарите, припадниците на итните служби и обичните минувачи со петарди, ракети и сѐ што им се најде при рака. Така, на самиот почеток на годинава главна тема стана односот кон „граѓаните со миграциско потекло“.
Целата земја повторно беше во шок, иако за овој берлински кварт со години се зборува негативно. Повторно се зборуваше за паралелни општества, за државата која пропадна и за полицијата која веќе не се ни осмелува да оди во некои делови на Берлин каде што главниот збор го имаат членовите на арапските криминални кланови.
Нојкелн повторно се најде на насловните страници на 7. октомври, кога главната улица во областа го прослави масакрот на Хамас во јужен Израел и им делеше баклава на минувачите. После тоа, беа забранети пропалестинските протести и организацијата Самидун, која им помагаше на палестинските затвореници во Израел и работеше прикриено за помош на терористите на Хамас, па германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, ја забрани организацијата.
Настаните по 7. октомври покажаа колку делови од германското општество живеат во свој паралелен свет, што в германските медиуми аналитичарите го опишуваат како долевање вода на мелницата на оние кои би спречиле каква и да е форма на миграција.
Политичкото упориште на противниците за имиграција е десничарската, европскептична и противдоселеничка Алтернатива за Германија (AfD), која држи силно второ место во анкетите, зад Христијанско-демократската унија CDU/CSU, со 25 отсто од гласовите на сојузно ниво.
Во сојузните покраини на поранешна Источна Германија, AfD ужива стабилна поддршка од повеќе од 30 отсто од гласачите, а многумина стравуваат од изборите што ќе се одржат следната година во трите источни сојузни покраини.
Големиот наплив од баратели на азил, чиј број во 2023 година ќе ги надмине рекордните 300.000 од 2015 година, кога тогшната канцеларка Ангела Меркел ги отвори границите за бегалците од Сирија, сведочи дека на АfD нема да ѝ недостигаат „материјали“ за главната политичка тема – миграцијата и странците. Сега доселениците доаѓаат и од други земји кои не се разорувани Сирија и Украина, како што се Грузија, Турција или Мароко.
Кога по летото стана јасно дека 2023 година ќе остане запаметена по рекордниот број на „нерегуларни мигранти“, министерката Фезер почна да врши притисок на национално и на ниво на ЕУ за намалување на бројот на бегалците. Така беа воведени контроли на копнените граници на Шенген кон Швајцарија, Чешка и Полска. Германските владејачки социјалдемокра се залагаат на ниво на ЕУ за проверка на правото на азил на нејзините надворешни граници. Сè поголема е можноста цела низа земји да бидат прогласени за безбедни земји на потеклото (на мигрантите), што речиси ја исклучува можноста за право на азил.
Во 2023 година продолжија да пристигнуваат бегалци од Украина, од кои веќе има над милион. И тие сѐ повеќе стануваат цел на критиките од AfD и нејзините поддржувачи. Но, и други добиваат политички поени за нив, па претседателот на Христијанско-демократската унија (CDU) Фридрих Мерц рече дека украинските бегалци се туристи кои доаѓаат во Германија за време на викендот за бесплатно да ги поправаат забите „додека обичните граѓани чекаат“.
Во прилог на неговата критика одат и неодамна објавените податоци со кои Државната ревизија го предупреди Бундестагот дека помалку од половината од украинските бегалци во Германија успешно го завршуваат курсот за интеграција, објавија во средата германските медиуми.
„И покрај огромните трошоци, резултатите од курсевите за интеграција се отрезнувачки: помалку од половина од украинските бегалци успешно ги завршија овие курсеви“, се вели во извештајот на Државната ревизија доставен до парламентарната буџетска комисија и објавен од германските медиуми.
Државната ревизија се повикува на податоци на Сојузната служба за миграција и бегалци, според кои, од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, пријавени се 450.000 украински бегалци за курсеви за интеграција, кои во најголем дел се состојат од изучување на германски јазик. Од тој број, до крајот на септември годинава 135.000 започнале интегративни курсеви, од кои само 61.266 успешно ги завршиле курсевите. Околу 56.000 паднале на завршниот испит, во повеќето случаи поради лошо познавање на германскиот јазик, а 16.000 предвреме го напуштиле курсот.
Од почетокот на војната во Украина, во Германија се регистрирани над милион бегалци од оваа земја. Тие, за разлика од другите бегалци, од првиот ден го полагаат правото на целосниот износ на социјална помош и други државни бенефиции, како што се преземање на станарината и комуналиите, исто како и германските граѓани. Неодамнешните истражувања покажаа дека само секој петти бегалец од Украина на работоспособна возраст има работа. Како главна причина за ниската стапка на вработеност кај украинските бегалци се наведува недоволното познавање на германскиот јазик.
Коалициската влада, поради сето тоа, забрзано работи на реформирање на законот за имигранти, што ќе овозможи доселување на квалификувана работна сила и ќе ги забави демографските процеси. Така, Германија од една страна со сите сили се обидува да спречи еден вид имигранти, а во исто време да привлече друг.
Миграцијата директно или индиректно влијаеше и на други теми важни за германските граѓани, како што е недостогот од станбен простор, особено оној простор за домување што обичните граѓани можат да си го дозволат.
Масло на огнот долеа објавувањето на резултатите од истражувањето на OECD од Pisa студијата за нивоата на образование, според кое германските средношколци паднале на уште пониско од претходно.
Конкретно се посочува слабото познавање на германскиот јазик како мајчин јазик, што не е чудно ако се земе предвид дека во некои училишта процентот на ученици чии родители не зборуваат германски е над 80 проценти.
Но, овој проблем, како и немањето станови, не произлегува од тоа што пристигнуваат сѐ поголем број странци, туку е резултат на долгогодишното штедење и недостигот од инвестиции во образованието и домувањето. Притоа, германските аналитичари не се склони на крајот од годината да зборуваат за влијанието на инфлацијата и тешкотиите со кои се соочуваат компаниите, во овој случај во градежништвото, поради зголемените цени на материјалите и на производството.
Ниту следната година нема да има повеќе пари за толку потребните проекти во образованието и инфраструктурата, бидејќи коалициската влада на Олаф Шолц (SPD) на крајот на годината наиде на големи проблеми. Уставниот суд кон средината на ноември го прогласи буџетот за неуставен.
Ова се однесуваше на потегот со кој коалициската влада на социјалдемократите, зелените и либералите едноставно ги префрли неискористените 60 милијарди евра одобрени заеми од фондот за закрепнување на пандемијата во фондот за финансирање на еколошката трансформација на економијата, една од најважните цели. на оваа влада.
Владата кон крајот на годината успеа да направи ребаланс на буџетот, но јасно е дека сите министерства ќе бидат принудени да штедат. И тоа во време кога германската економија влегува уште една година на работ на рецесија.
Економијата и натаму опстојува на субвенционирање на зголемените цени на енергетските производи, кои по шокот и руската агресија врз Украина делумно се стабилизираа, но и понатаму се меѓу највисоките во светот. Има повици и за повторно активирање на нуклеарните централи откако последните три реактори беа затворени во средината на април.
Најгласен во ова беше баварскиот премиер Маркус Зедер (од баварската Христијанско-социјална унија, CSU), а причина беа изборите во октомври во оваа најнаселена сојузна држава, на кои, како и во соседната Хесен, убедливо победија демохристијаните.
Губитници беа партиите од владејачката коалиција предводена од SPD на Шолц, која има само 14 отсто поддршка на федерално ниво. Крајот на годината беше одбележан и со сѐ почестите прашања дали првата социјалдемократско-зелено-либерална влада во историјата на Германија ќе трае до крајот на изборниот период за две години.