Речиси 750 пиротехнички средства полицијата откри во џипот на Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ

Министерството за внатрешни работи информираше дека во возилот на внукот на Али Ахмети, лидерот на владејачката Демократска унија за интеграција (ДУИ), во саботата вечерта полициските службеници принашле 749 пиротехнички средства.

„Полициски службеници, синоќа во 19,50 часот на улицата ‘Самуилова’ во Скопје, запреле патничко моторно возило ‘ренџ ровер’ со албански регистерски таблички, управувано од 25-годишниот Д.А. од кичевското село Зајас, и при преглед на возилото пронашле 749 пиротехнички средства“, се наведува во билтенот на министерството.

Се додава и дека лицето е приведено во полициска станица Центар и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Медиумите уште синоќа од разни извори добија потврди дека станува збор за Дрин Мехмети, внукот на Али Ахмети, и оти бидејќи трговијата со пиротехника е забранета, се очекува кривична постапка против Дрин Ахмети.

Инаку, Дрин Ахмети во септември стана косопственик на трговскиот центар „Соравија“ во центарот на Скопје, што предизвика низа реакции во македонската јавност.

Дрин Ахмети, имено стана управител на бизнис центарот „Соравиа“ во скопскиот Градски трговски центар (ГТЦ) , откако беше објавено дека една од неговите фирми претходно добиле сопственички удел во овој деловен комплекс. Од 13 септември, Дрин Ахмети е втор директор во „Соравиа Инвест“, заедно со постоечкиот бугарски државјанин Валери Атанасов. Хано Соравиа и натаму се води како сопственик на компанијата.

Како што беше претходно објавено за младиот бизнисмен од Кичево, тој стана втор по големина сопственик со удел од 39 отсто во деловниот центар „Соравија“. Мнозински сопственик со 51 проценти од акциите ќе биде Владимир Пјетерѓокај со албанската компанија „Пе-Вла-Ку“, додека 10 проценти ќе му останат на досегашниот сопственик Хано Соравија. Не беше објавена висината на купопродажбата на деловниот центар, со изговор дека станува збор за деловна тајна.