2024-та е петта година по ред со висок буџетски дефицит од над половина милијарда евра

На оваа Влада око не ѝ трепна при управувањето со јавните пари и јавниот долг за целиот нејзин мадат. Еден искусен и успешен домашен претприемач ми кажа „лесно е да управуваш јавни финансии со дефицити, но долгорочно тоа не е одржливо“. И целосно се согласувам. За тоа во многу наврати последниве неколку години пишував, критикував и предупредував.

Точно пред една година напишав: Ернест Хемингвеј напишал: „Како банкротираш? На два начини. Постепено, а потоа одеднаш“. За буџетот за 2023 година напишав „…тежи 5,3 милијарди евра, што е за 75% повеќе од последниот буџет на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година. А, во меѓувреме справување со кризи нула, реализирани инфраструктурни проекти нула“. Понатаму напишав: „Што кажа Владата со Предлог-буџетот за 2023 година? Македонија е влезена во период на стагфлација. По нискиот раст оваа година, Владата планира низок раст и наредната година (од 2,9%) и повторно висока инфлација (од 7,1%). Но, проекцијата за растот е опимистичка и нереална“. И, се исполни. Растот во 2023 година ќе биде довојно понизок од планираниот и тоа под 1,5%, но затоа, пак, инфлацијата ќе биде повисока, околу 9%.

И, сега што кажува Владата за буџетот во 2024 година? Ќе тежи 5,6 милијарди евра, што е 6% повеќе од ланскиот буџет, којшто беше врв. Значи, буџетот за 2024 година ќе биде врв на врвот. Дефицитот петта година по ред ќе биде над половина милијарда евра или 545 милиони евра.

Владата најави мерки во износ од 662 милиони евра, но не специфицираше во кој буџет влегуваат. Во 2024 година овој износ го нема. За мерки за справување со Ковид-кризата, патем уште имаме Ковид-криза и сме еднинствени во свет, и други антикризни мерки во Предлог-буџетот за 2024 година има само 61,5 милиони евра. Прашувам – дали сме во криза? Владата самата признава дека била нефункционална и дека има криза. Цените денес се повисоки за 40% од пред две години, зашто Владата и централната банка не успеаја кога требаше да ја скротат силната инфлација.

Но, и овие 662 милиони евра се помпа и пи-ар пред избори, и ќе издишат како милијардата на Заев. Државниот завод за ревизија утврди дека милијардата, а едно време Заев ја направи и 1,2 милијарди, се всушност само 430 милиони евра – мерки со фискални импликации врз буџетот и тоа во две фискални години, 2020 и 2021 година.

А, што кажа Владата сега? За приватниот сектор се обезбедени 492 милиона евра, а сумата на сите објавени мерки за приватнит сектор е околу 280 милиони евра и тоа од заеми, а другите 212 милиони евра се во воздух. Од друга страна, за одредени групи од населението кажа дека има 156 милиони евра, но реализацијата на првата мерка за основците и средношколците веќе има проблеми, што потсетува на не-реализација на ваучерите за време на Ковид-кризата пред избори.

Но, што не се наоѓа во Предлог-буџетот за 2024 година? За пензионерите и зголемувањето на пензиите според новата методологија Владата кажа дека одвоила 178 милиони евра, а според Предлог-буџетот има само 96 милиони евра. За зголемувањето на платите во јавниот сектор врз основа на Општиот колективен договор, односно за пораст на платата за 10% и исплата на регрес од 10.000 денари за годишен одмор, кажа дека се предвидени 150 милиони евра, а во Предлог-буџетот има само 60 милиони евра. Планот е за пола година, поточно до избори, зашто ако вистински ги планираше Владата овие суми, буџетскиот дефицит немаше да биде 545 милиони евра, туку ќе беше 717 милиони евра.

Но, тоа не е популарно пред меѓународните кредитори кои ни позајмуваат пари. Зошто? Затоа што 2024 е втора година по ред, а Владата го крши новиот Закон за буџети, според кој фискалното правило за дефицитот на општата влада не може да биде повисок од 3% од БДП. Во член 10 точка (6) стои: „Владата може да отстапи од утврдените фискални правила при настанување на која било од следниве исклучителни околности и тоа: природни катастрофи и екстерни шокови кои влијаат на загрозување на националната безбедност или животот и здравјето на луѓето; вонредна и/или кризна состојба; остри финансиски или економски шокови, кои ќе резултираат со негативен или многу низок годишен реален раст на БДП блиску до нулата, за чие надминување e потребна значителнa поддршка од фискалната политика“. Во точка (7) стои: „Отстапувања од фискалните правила се дозволени за реализација на инвестициски проекти со позитивно влијание врз БДП. Отстапувањата не треба да надминуваат 0,5% од БДП годишно и кумулативно во период од пет години“.

Прашање: Кое оправдување го има Владата? Имаме прогласено кризна состојба? Имаме остар економски шок и БДП до нула раст? Кој остар економски шок, па нели енергетската криза е решена, успешно Владата се „справи“ со кризата? Што ви значи „ Алоцирање на неопходни средства за резерви за кризни состојби на ниво од околу 0,4 % од БДП“? Која кризна состојба, дали мислите на тоа што уште сте на власт?

И за длабоката суштина за која предупредував. Во декемри 2021 година за списанието „Економија и бизнис“ напишав „… кризата со Ковид-19 кризата ја истакна ранливоста на јавните финансии. Високата кумулација на јавен долг од почетокот на пандемијата не е само заради помошта на економијата. Кризата се одрази во значаен обем и врз така ниските приходи во буџетот. Македонија е меѓу земјите кои се на дното во Европа по буџетски приходи како процент од БДП, заради големата даночна евазија и неоданочената сива економија. Ова заедно со високите трансфери до Фондот за ПИОМ (заради неповолните демографски трендови отсликани во зголемување на старосната зависност), високите трошоци за плати на јавната администрација (заради непрекинатото вработување во јавниот сектор), растечката социјална помош (како определба на политиката) и растечките каматни отплати (заради кумулирање на висок долг) го намалува просторот за капитални трошења. Оваа позиција е неодржлива и не е корисна на долг рок“.

…„ познато е дека стабилизацијата на јавниот долг е можна со намалување на буџетските дефицити (или да не создаваме нови) или со раст на БДП. Што доколку не испорачаме висок економски раст како што е планиран во фискалната стратегија? Прогнозата за просечниот економски раст од 5,4 % е значајно повисока од среднорочната прогноза на меѓународните финансиски институции, на агенциите за кредитен рејтинг и на Народната банка. Таа се базира на засилена домашна побарувачка водена од бруто-инвестициите и од приватната потрошувачка, во стабилно економско опкружување и во отсуство на надворешни и домашни шокови. Високиот раст е задржан и во најновата ревизија на фискалната стратегија од декември 2021 година. Но, здравствената криза сѐ уште не е завршена, а веќе на крајот од тековната година се соочуваме и со енергетска криза и потенцијални инфлаторни притисоци кои создаваат ризици за идното темпо на опоравување на светската и домашната економија. Енергетската криза ќе земе пари од Буџетот (ќе го намали просторот за капитални инвестиции) и ќе се одрази негативно врз трговското салдо со значаен одлив на девизи.

Во март 2022 година за списанието „Економија и бизнис“ напишав: „Психолошкиот праг од над 60% на јавен долг во бруто домашниот производ (БДП) веќе втора година по ред е поминат во домашаната економија. Во 2022 година согласно проекциите за буџетски дефицит од 545 милиони евра ќе има повторно зголемување на јавниот долг. Според среднорочната фискална стратегија, Министерството за финансии предвидува зголемување на јавниот долг во наредните години и намалување под прагот од 60% од БДП дури во 2025 година. Но, дали ќе се стабилизира на пониско ниво е под голем знак на прашање во услови кога влегуваме во период на стагфлација (низок раст и инфлација), кога на повидок немаме навремена фискална консолидација и кога буџетските средства во последните години не се трошат за капитални проекти кои создаваат нова вредност и кои симулираат иден раст.

Што може да ги измести пресметките? Инфлацијата и високиот раст на јавниот долг се главни проблеми со кои се соочи светот во втората и почетокот на третата пандемиска година. Инфлацијата ја намалува реалната вредност на долгот, со што делува во полза на високо задолжените држави. Но, од друга страна, инфлацијата ги принуди глобалните централни банки да размислуваат (Федералните резерви најавија) за затегање на монетарната политика, што ќе значи раст на каматните стапки и постепено повлекување на квантитативното олеснување, а со тоа и раст на цената на долгот и позатегнати финансиски услови на меѓународните финансиски пазари. Времето на негативни реални каматни стапки (номинални каматни стапки минус инфлација) ќе бидат минато. Зголемувањето на каматните стапки ќе оди постепено, што би оставило простор за консолидација на фискалната политика, но пазарните реакции се ненадејни и брзи, особено што инвеститорите брзо реагираат кога почнуваат да се грижат дека фискалниот простор се исцрпува. Така, големите потреби за рефинансирање на долгот, кој беше кумулиран во овие пандемиски години, на среден рок ќе бидат скапи, а високото ниво на јавниот долг заедно со неповолната структура на буџетот ќе претставуваат сериозна кочница за идниот раст на македонската економија. Пристапот до пазарно надворешно финансирање ќе биде потежок во услови на исцрпен фискален простор и отсуство на кредибилна фискална консолидација“.

И за крај, она што пишував се оствари. Средствата за отплата на камати на создадениот долг во буџетот за 2024 година се 273 милиони евра (историски просек до 2022 година е 97 милиони евра), а во 2027 година, според фискалната стратегија на оваа Влада, ќе достигнат 425 милиони денари. Долгот што го оставаат ќе биде над 8,8 милијарди евра! Да заклучам. „Европската“ Влада на СДС и ДУИ ќе ја чувствуваат многу идни генерации. Наследството што го оставаат е бедно.

Автор: Маја Кадиевска Војновиќ, финансиски експерт и поранешен вицегувернер на Народна банка на Република Македонија