Израел: Одложена примената на законот што го отежнува отповикувањето на премиерот

Законскиот амандман што го отежнува отповикување од должноста на премиерот нема да стапи на сила до изборот на новиот парламент, одлучи во средата израелскиот Врховен суд.

Врховниот суд заклучи дека законот е јасно скроен за одредена личност и дека парламентот кога го потврдил, ги злоупотребил своите овластувања.

Израелскиот парламент (Кнесетот) во март одлучи дека во иднина ќе биде потребно мнозинство од три четвртини за отповикување на премиерот, што се сметаше за многу контроверзна одредба, бидејќи амандманот изгледаше дека е насочен конкретно кон актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Тој е обвинет дека сакал да се заштити од смена од должноста со одговорност. Судењето за корупција на 74-годишниот премиер траеше со месеци, а опозицијата го осуди новиот закон како „недоличен и расипан“. Според тој закон, премиерот може да биде сменет само врз основа на ментално или физичко здравје, за да се спречи влијанието од Врховниот суд или од Канцеларијата на јавниот обвинител.

Последната пресуда доаѓа откако Врховниот суд во понеделникот го отфрли клучниот елемент од контроверзните судски реформи во Израел. Законот усвоен во јули беше дел од пошироката судска реформа предложена од Нетанјаху и неговата коалиција на верски и националистички партнери, што предизвика длабока поделба во Израел и загриженост за демократските принципи на земјата меѓу западните сојузници.

Законот отстрани една, но не сите алатки што ги има Врховниот суд за укинување на одлуките на владата и министрите. Во одлуката на Врховниот суд во понеделникот беше наведено дека контроверзниот закон го лишил судот од можноста да преземе мерки против „несоодветните“ одлуки на владата, премиерот или поединечни министри.

За поништување на законот гласале осум од 15-тер судии, се вели во судското соопштение. Врховниот суд во резимето на својата одлука рече дека мнозинството судии одлучиле да го укинат законот, бидејќи тоа сериозно ќе ѝ наштети на израелската демократија.

Партијата Ликуд на Нетанјаху го критикуваше моментот во кој се носи одлуката, велејќи дека е „за жалење што Врховниот суд одлучи да ја објави својата пресуда… додека војниците од десницата и левицата се борат и ги ризикуваат своите животи во војна“. „Одлуката на судот е во спротивност со желбата на народот за единство, особено во време на војна“, додаваат од партијата.

Пратениците од опозицијата, пак, ја пофалија одлуката.