
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во неделата го уверуваше јорданскиот крал Абдула дека Вашингтон се противи на принудното раселување на Палестинците од Појасот Газа или од окупираниот Западен брег, надевајќи се дека ќе придвижи разговори за иднината на Газа.
Кралот Абдула на состанокот ја искажал загриженоста на Јордан за раселувањето, се вели во соопштението на палатата, додека Израел ја продолжува својата воена кампања која доведе до розрување на речиси целата палестинска енклава Појасот Газа и ги остави нејзините 2,3 милиони жители на работ на глад, според хуманитарните работници. Покрај тоа, сѐ почесто израелски функционери ја изложуваат идејата за присилно преселување на Палестинците во соседните или во други африкански земји, и ставање на енклавата под долга воена управа на Израел.
На состанокот со кралот Абдула во Аман, Блинкен „го нагласи американското противење на присилното раселување на Палестинците од Западниот брег и од Газа и критичната потреба да се заштитат палестинските цивили на Западниот брег од насилството на екстремистите меѓу (израелските) доселениците“, рече портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.
Повеќето жители на Газа се раселени поради конфликтот, а насилството се разгоре и на Западниот брег, вклучувајќи го и смртоносниот судир во градот Џенин во неделата.
Кралот Абдула му рекол на Блинкен дека Вашингтон има главна улога во притисокот врз Израел за итен прекин на огнот и предупредил на „катастрофалните последици“ од продолжувањето на војната во Газа, која започна кога Хамас го нападна Израел на 7. октомври, убивајќи 1.200 луѓе и зеде 240 заложници и истиот ден израелската восјка почна да возвраќа со комнтинуирани воздушни и артилериски удари и целосна блокада, а од 27. октомври и со целосна копнена инвазија и притоа досега се убиени речиси 22.700 Палестинци.
Блинкен е на турнеја низ регионот поради зголемените стравувања дека израелската офанзива против палестинските милитанти Хамас во Газа ќе предизвика поширок регионален конфликт на Блискиот исток.
Блинкен пристигна во Јордан доцна во саботата ноќта и се состана со кралот Абдула во неделата, а потоа отпатува за Катар на средби со емирот Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани и премиерот Мохамед Бин Абдулрахман ал-Тани, кој исто така е и министер за надворешни работи. Американската делегација има за цел да ги собере ставовите на арапските држави за иднината на Газа пред да ги претстави тие ставови на Израел, изјавил за Reuters американски функционер, признавајќи дека ставовите ќе бидат многу оддалечени.
Во Аман, Блинкен го посети складиштето на Светската програма за храна (WFP) каде се чува конзервирана храна за Газа. Вршителот на должноста директор на WFP за Палестина, Лаура Тарнер, пред средбата со Блинкен рече дека државниот секретар треба да се заложи за прекин на конфликтот и Израел да ги отвори граничните премини во северниот дел на Газа.
„Таму има население до кое не можеме да дојдеме веќе шест седмици поради што и најмногу сме загрижени“, рече Тарнер, додавајќи дека помошта испратена северно од јужниот дел на Газа ја преземале други Палестинци на коишѕо, исто така им е многу потребна храна.
Блинкен рече дека САД работат на одржување на отворени патишта за помош до Појасот Газа и нивно зголемување.
„Ние сме интензивно фокусирани на многу тешката и навистина влошена ситуација со храната за мажите, жените и децата во Газа, и тоа е нешто на што работиме 24/7“, рече Блинкен.