
Француската премиерка Елизабет Борн поднесе оставка во понеделникот додека претседателот Емануел Макрон се обидува да внесе нов моментум во неговиот втор мандат пред изборите за Европскиот парламент и одржувањето на Олимписките игри во Париз ова лето.
Макрон веднаш не го именуваше нејзиниот наследник. Промената на премиерската позиција ќе следи по годината обележана со политичка криза во Франција предизвикана од контроверзните реформи на пензискиот систем и законите за имиграција. Доаѓа и само пет месеци пред изборите за Европскиот парламент, при што се очекува евроскептиците да постигнат рекордни придобивки поради широкото јавно незадоволство поради зголемените животни трошоци и неуспехот на европските влади да го ограничат миграцискиот тек.
Во Франција, анкетите покажуваат дека партијата на претедателот Макрон заостанува зад лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен за околу осум до десет процентни поени пред изборите во јуни.
Од тесното усвојување на построгите правила за имиграција, имаше шпекулации за реконструкција на владата. Гласањето за нацрт-законот за имиграцијара ги истакна длабоките пукнатини во центристичкото мнозинство на Макрон. Самиот Макрон вети нова политичка иницијатива.
Меѓу наведените како потенцијални нови премиери се 34-годишниот министер за образование Габриел Атал и 37-годишниот министер за одбрана Себастијан Лекорну. И двајцата би биле најмладите премиери во француската историја.
Коментаторите, исто така, ги споменуваат министерот за финансии Бруно Ле Мер и поранешниот министер за земјоделство Жулиен Денорманди како можни опции за премиерската должност.
Промената на премиерската функција нема нужно да доведе до промена на политичката ориентација на владата, туку ќе сигнализира желба да се оди подалеку од пензиските и имиграциските реформи, истовремено фокусирајќи се на нови приоритети, вклучително и постигнување целосна вработеност.
Бирократ од кариера кој служел како функционер за голем број министри од Социјалистичката партија пред да се приклучи на владата на Макрон, 63-годишната Борн е премиерка од мај 2022 година. Борн, имнаку, е само втората жена што ја извршува функцијата премиер во Франција.
Реконструкцијата најверојатно ќе ја интензивира трката во таборот на Макрон за негов наследник на следните претседателски избори во 2027 година. Поранешниот премиер Едуар Филип, министерот за внатрешни работи Жерар Дарманен и Бруно Ле Мер се најистакнатите потенцијални кандидати.