
Медицинскиот техничар кој синоќа беше нападнат со нож од пациент во ГОБ „Осми септември“ е во добра здравствена состојба. Завршил со расекотина на градниот кош. Повредата е санирана, но претрпениот стрес е голем.
Како што објаснува директорот на болницата, седумдесет и седум годишниот пациент кој го нападнал со мал нож имал ментално растројство, кое што настапувало акутно и било непредвидливо. Пациентот не бил свесен што прави и отпосле изразил каење и жалење, додава директорот.
„Досега пациентот немал психијатриска дијагноза, не примал лекови за психијатриска болест, прв пат е во ваква состојба. Од самиот психијатриски преглед констатирано е моментално ментално растројство и тоа е непредвидливо. Во моментот на прегледот пациентот бил вознемирен, конфузен и не се сеќава на ситуацијата, може и примарната болест да довела до таква состојба којашто за жал резултираше со напад. Повредата на медицинскиот техничар не е опасна, но претрпениот стрес како самиот чин на напад е секако од сериозен карактер“, вели Д-р Христијан Костов директор на ГОБ „Осми Септември“.
Од независниот синдикат на здравствени работници го осудија инцидентот и бараат поголема заштита на здравствените работници на нивното работно место.
„Целата поента е да се заштити персоналот, а тоа се прави ако се работи по протоколи, ако не може преку влезната врата да влезе нешто што не смее да влезе во болница, значи тоа не е заштита, затоа апелираме да се донесе закон за заштита на здравстените работници и не дај боже ако се случи некој немил настан здравствените работници и административно-техничкиот персонал да бидат заштитени“, вели Кристина Олевска од Независниот синдикат на здравствени работници
Директорот Костов најавува зајакнување на безбедносните контроли на болницата.