
САД не планираат да испратат дополнителни сили во регионот откако американската и британската армија извршија напади врз јеменските бунтовници Хути, изјави денеска портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
Портпаролот, исто така, објави дека американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, кој на 1 јануари беше хоспитализиран поради инфекција, „активно е ангажиран во следењето и насочувањето на овие напади“, пренесуваат британските медиуми.
Рајдерс додаде дека Остин се чувствува добро и дека во изминатите два дена двапати разговарал со американскиот претседател Џо Бајден.
САД и Велика Британија во текот на ноќта извршија воздушни и поморски напади врз позициите на Хутите на 16 локации во Јемен.
Американските власти соопштија дека нападите на САД и Велика Британија врз Јемен се насочени кон воените капацитети на Хутите и притоа се обиделе да избегнат колатерална штета.
На 22 декември 70-годишниот Остин беше примен во Медицинскиот центар на националната армија Волтер Рид во Мериленд за операција на рак на простата, а во болницата се врати на 1 јануари поради инфекција на уринарниот тракт.