
Шпанското Министерство за труд се договори со синдикатите UGT и CCOO за зголемување на минималната плата (SMI) за 5 отсто. Тоа е за 54 евра повеќе на месечно ниво, така што минимумот сега ќе биде 1.134 евра бруто во 14 уплати.
Со ова зголемување, кое ќе се применува ретроактивно од 1 јануари 2024 година, ќе бидат опфатени околу 2,5 милиони работници, главно млади и жени. Од 2018 година, кога изнесуваше 736 евра, ДПИ има акумулирано зголемување од 54 отсто, пренесува шпанската агенција ЕФЕ. Во 2022 година минималецот ја мина границата од 1.000 евра, а лани во услови на висока инфлација порастот изнесуваше 8 отсто, додека минималната плата достигна 1.080 евра.
„Покачувањето е најдобрата политика против нееднаквоста. Заедно со синдикатите постигнавме пораст од 5 проценти. Го подобруваме животот на работниците, особено на жените и младите. Зголемувањето на платите не ги загрозува работните места, тоа не прави подобра земја“, изјави министерката за труд Јоланда Дијаз на социјалната мрежа Икс (Твитер).