Европските и азиските инвеститори претпазливи, индексите стагнираат

На европските берзи во понеделник претпладнетот се тргува внимателно, а индексите стагнираат додека инвеститорите чекаат нови вести кои би можеле да ги насочат пазарите.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек на тргувањето порасна за 0,1 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,11 отсто, на 7.635 поени, додека франкфуртски DAX се зголеми за 0,07 отсто, на 16.716 поени, а париски CAC зајакна за 0,15 отсто, на 7.475 поени.

Внимателно се тргува и на азиските берзи. Индексот на азиско-пацифичките акции на MSCI, без јапонските, беше речиси непроменет од петокот во истиот пресек како и во Европа, откако минатата седмица падна за 0,8 отсто. Претпладнево на Токиската берза индексот Nikkie порасна за речиси 1 отсто, додека цените на акциите во Австралија и Хонгконг паднаа меѓу 0,1 и 0,3 отсто. Во Шангај и Јужна Кореја, пак, благо се зголемија.

Јапонскиот индекс Nikkie ја продолжи својата позитивна серија, откако минатата седмица скокна за 6,6 отсто, достигнувајќи ново највисоко ниво од 1990 година. Тоа главно се должи на порастот на цените на акциите на големите јапонски извозници, бидејќи поради слабоста на јенот во однос на другите најважни светски валути, нивните производи стануваат ценовно поконкурентни на светскиот пазар.

На кинеските берзи, пак, индексите паднаа на почетокот на тргувањето, бидејќи инвеститорите беа разочарани од одлуката на тамошната централна банка да ги задржи каматните стапки непроменети. Имено, инвеститорите се надеваа дека поради бавниот раст на економијата, монетарните власти би можеле да ги намалат каматните стапки за да го стимулираат. Сепак, првичните загуби на кинеските берзи подоцна беа ублажени, а во Шангај индексите дури и благо пораснаа.

На останатите берзи во регионот се тргува внимателно, бидејќи нема вести кои би ги турнале пазарите во еден или друг правец. На инвеститорите им недостигаат насоки од Волстрит, бидејќи најголемата берза е затворена во понеделник за Денот на Мартин Лутер Кинг.