Европските пржилници на кафе во проблеми поради кризата во Црвеното Море

Трошоците на европските пржилници на кафе нагло се зголемија поради кризата во Црвеното Море и ги принудија да бараат нови извори на снабдување, предупредуваат трговците и аналитичарите во секторот.

Цените на транспортот со контејнери скокнаа за околу 150 отсто на линијата Азија-Европа, а многу испораки кафе во зрно од најголемите производители на сортата робуста, како што се Виетнам и Индонезија, доцнат до три седмици за купувачите во Европа, бидејќи бродовите го заобиколуваат Црвеното Море и патуваат околу ‘Ртот на Добрата надеж, што е за околу 5.000 километри подолг пат..

Затоа, пржилниците се принудени да бараат други извори на снабдување, вклучувајќи ги Бразил и Уганда. Посредниците велат дека тоа предизвикало раст на големопродажните цени, што, пак, значи повисоки трошоци за пржилниците.

„Гледаме пад на новите нарачки (од Европа) бидејќи купувачите ги сносат (повисоките) трошоци за испорака. Ние сме многу загрижени. Во овој период од годината, извозот на кафе обично го достигнува врвот“, вели директорот на еден од најголемите виетнамски извозници на кафе, кој зборувал за Reuters под услов да остане анонимен. „Околу 60 отсто од нашето кафе оди во Европа“, забележува тој.

Проблемите со недостигот од контејнери само ќе се интензивираат и ќе достигнат размери слични на оние во екот на пандемијата ковид-19, предупредуваат трговците. Еден трговец со седиште во Европа смета, пак, дека не е голем ризикот од долгорочен пораст на цената на сортата робуста поради прекини во транзитот низ Црвеното Море.

„(Нарушувањата) ги поддржуваат цените на краток рок, но гледано од среднорочна и долгорочна перспектива, има само доцнења. Кафе има и ќе стаса до дестинацијата“, рече тој.