
Американскиот Конгрес ги истражува операциите на швајцарската инженерска група ABB во Кина за да ги утврди можните безбедносни закани при инсталирањето на нејзината опрема во крановите што кинеската компанија им ги испорачува на пристаништата во САД, покажуваат документите во кои петокот имала увид агенцијата Reuters.
Комитетот за домашна безбедност на Претставничкиот дом и Специјалниот комитет за стратешка конкуренција меѓу САД и Кинеската Комунистичка партија испратиле писмо до швајцарската компанија оваа седмица, во кое ги повикуваат директорите на јавни расправи за да се разјаснат односите на АBB со кинеската државна компанија. Таа соработка е „сериозен извор на загриженост“, нагласиле членовите на комитетот.
Од ABB обезбедија документи што ги побараа конгресните одбори минатата година, но многу важни прашања останале неодговорени, се вели во писмото.
Акциите на ABB паднаа за три отсто во петокот наутро, откако шведското радио Sverige Radio објави за истрагата на двата американски конгресни одбора.
Од ABB во петокот соопшти дека продава опрема за контрола и електрификација на многу производители на кранови, вклучително и на кинески компании, кои ги продаваат крановите директно на американските пристаништа. Швајцарската компанија сепак нагласи дека „сериозно“ го сфаќа барањето на одборот за дополнителни информации.
Во писмото до извршниот директор на ABB, Бјорн Розенгрен, членовите на одборот истакнуваат дека се загрижени дека кинеската државна компанија „Shanghai Zhenhua Heavy Industries“ (ZPMC), инсталира опрема ABB во пристанишните кранови што ги продава во САД.
Конгресните комитети сакаат да ги испитаат потенцијалните „ризици за сајбер безбедноста, заканите од странско разузнавање и ранливостите на синџирот на снабдување на американските пристаништа“, се вели во писмото, објавено од веб-страницата за вести Politico.
Кинеската влада и ZPMC не биле веднаш достапни за коментар за агенцијата Reuers.
ZPMC е меѓу најголемите производители на пристанишни машини во светот и поседува флота од повеќе од 20 товарни бродови, според податоците на веб-страницата на компанијата.
„Клучно е … ABB да ги објасни своите зделки со државните претпријатија во НР Кина (Народна Република Кина)“, се вели во писмото на одборот.
Нејзините членови, исто така, сакаат да утврдат „дали треба да и се верува на АББ да продолжи да дејствува во интерес на државните субјекти на САД додека соработува со ентитети во сопственост, контролирани, под влијание или субвенционирани од НР Кина“.
„Да се дозволи ZPMC да инсталира опрема и технологија ABB во Кина во кранови што треба да се испорачаат во САД е неприфатливо и треба да се реши без одлагање“, се додава.
Кина е вториот по големина пазар на ABB, со 16 отсто удел во годишниот приход. Соединетите држави се на прво место со учество од 24 отсто во приходите.