
Годинава, во осветените води на Вардар влегоа 157 граѓани кои се обидоа да го фатат Светиот крст.
Меѓу нив најмногу среќа имаше младо момче, кое прво стигна до крстот и го извлече од водите на Вардар.
Станува збор за Ѓорѓи Николовски. Тој е од Скопје и има 17 години.
Одбележувањето на празникот Богојавление-Водици започна во 9 часот со архиерејска божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ со која чиноначалствуваше архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан.
По завршување на литургијата, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан заедно со свештенството во поворка се упати кон мостот „Слобода“.
На чинот присуствуваат премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски.