Расте притисокот врз Бајден да го нападне Иран по гинењето на американските војници

Загинувањето на тројцата американски војници и ранувањето на десетици други во неделата на Блискиот од страна на милитантите групи кои соработуваат со Техеран, го зголемува политичкиот притисок врз претседателот Џо Бајден да удри директно врз Иран, за што тој досега се колебашње од страв да не предизвика поширока војна.

Опциите за одговор на Бајден може да се движат од целење на иранските сили надвор, па дури и во самиот Иран, или повнимателен одмазднички напад исклучиво против одговорните милитанти поддржани од Иран, велат експертите.

Но, до нападот во неделата на далечната база „Кула 22“ во близина на североисточната граница на Јордан со Сирија, во нападите не загинаа американски војници, ниту имаше многу ранети. Јордан, пак, во неделата објави дека нападот не се случил на негова територија, туку во соседната Сирија. Портпаролот на јорданската влада Муханад ал-Мубаидин изјави за јорданската јавна телевизија дека целта на нападот била американската база во сирискиот регион Ал Танф.

Русија, којашто има две воени бази во Сирија, претходно седмицава обвини дека САД се обидуваат во областа Ал Танф да формираат марионетска управа наводно на локалното население Друзи, кои инаку во граѓанската војна во Сирија од 2011 година се сојузници на сирискиот претседател Башар ал-Асад.

Откако во октомври избувна војната во Појасот Газа меѓу Израел и, како што се тврди, палестинското радикално движење Хамас во октомври, американските сили на Блискиот исток беа нападнати повеќе од 150 пати од силите поддржани од Иран во Ирак, Сирија, Јордан и крај брегот на Јемен. Ова му овозможи на Бајден политички простор за американска одмазда, нанесувајќи им штета на силите поддржани од Иран без ризик од директна војна со Техеран. Бајден рече дека САД ќе одговорат, но не даде дополнителни детали.

Републиканците го обвинија Бајден дека дозволува американски војници да станат мети, чекајќи го денот кога беспилотно летало или проектил ќе ја избегне воздушната одбрана. Тие велат дека тоа се случило во неделата, кога рано изутрината во близина на касарната во базата удрил еднонасочен јуришен дрон. Како одговор, тие велат дека Бајден мора да го нападне Иран.

„Тој ги остави нашите војници како цели. Единствениот одговор на овие напади мора да биде разорна воена одмазда против иранските терористички сили, и во Иран и на целиот Блиски исток“, рече републиканскиот американски сенатор Том Котон.

Републиканскиот лидер на Комитетот за воен надзор на Претставничкиот дом на САД, претставникот Мајк Роџерс, исто така повика на акција против Техеран.

„Одамна е минато време претседателот Бајден конечно да бара одговорност од терористичкиот ирански режим и нивните екстремистички полномошници за нападите што тие ги извршија“, рече Роџерс.

Поранешниот претседател Доналд Трамп, кој самиот во својот мандат во последен момент отповика воздушен удар врз Иран, а веројатно ќе се соочи со Бајден на годинешните претседателски избори во ноември, го опиша нападот како „резултат на слабоста и предавањето на Џо Бајден“.

Администрацијата на Бајден рече дека работи напорно за да ги заштити американските војници ширум светот.

Демократската пратеничка Барбара Ли отворено изрази загриженост дека пропаѓа стратегијата на Бајден да го ограничи конфликтот меѓу Израел и Хамас во Газа.

„Како што гледаме сега, војната излегува од контрола. Почнува да се појавува како регионална војна и, за жал, САД и нашите војници се изложени на ризик“, рече Ли, повторно повикувајќи на прекин на огнот во израелско-палестинска војна.

Иранската мисија во Обединетите нации во понеделникот соопшти дека Техеран не бил вклучен во напад со беспилотно летало во кој загинаа тројца американски војници во североисточниот дел на Јордан, во близина на сириската граница. Во соопштението објавено од државната новинска агенција IRNA, мисијата наведува дека Иран нема никаква врска со нападот на американската база. Исто така, се додава дека „постои конфликт меѓу американските сили и групите на отпорот во регионот, кои возвраќаат на нападите“.

Американската војска во Ирак има бази сега со 2.500 војници по инвазијата во оваа земја во 2003 година, а во Сирија има десетина бази со сега 900 војници во североисточниот дел каде со инвазијата по 2011 година ги држи под окупација најбогатите сириски наоѓалишта на нафта и непречено незаконски ги експлоатира. Сирија и Турција изминатите години ги обвинија САД дека во базите на сириската територија ги обучува припадниците на Исламската држава и на Работничката партија на Курдистан (PKK) кои подоцна изведуваат терористички напади во двете земји.