
Министерството за внатрешни работи во декември минатата година склучи договор за набавка на нови регистерски таблици и на налепници за регистрациите на кои ознаката „МК“ ќе се замени со „НМК“.
Договорот е склучен со фирмата „Квантум дооел Скопје“, а производител на табличките е германската фирма „ЕХА Хофман“.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека согласно Рамковната спогодба за набавка на регистарски таблици, склучен е договор за нарачка со избраниот економски оператор, за што течат законските рокови за испорака на налепниците.
-Согласно решението за изменување и дополнување на решението за цените на обрасците што ги издава Министерството за внатрешни работи, објавено во Службен весник на Република Северна Македонија бр. 2 од 03.01.2024, цените на налепниците ќе се движат од 30 до 50 денари, се велат од МВР.
Граѓаните најдоцна до 12 февруари треба да ги променат регистарските таблички и на нив да има ознака „НМК“ наместо досегашната „МК“, обврска која произлегува од Преспанскиот договор.