
Израелската војска објави дека ослободила двајца заложници во текот на операција којашто нејзините специјални сили ја извеле ноќта кон понеделникот во Рафах на југот од палестинската енклава Појасот Газа.
Заложниците се пренесени во болница во градот Шеба, во централен Израел, каде што се прегледани и е утврдено дека се наоѓаат во добра состојба. Засега, официјално, не се дадени други поединости за идентитетот и текот на операцијата за спасување на заложниците.
Весникот The Jerusalem Post, повикувајќи се на свои извори, пишува дека во операцијата изведена во понеделникот рано наутро по локално време во централниот дел на Рафах биле вклучени припадници на разузнавачката служба Шин Бет, на израелската војска и на специјалните полициски сили.
Околу 1 часот по полноќ, операцијата за ослободување на двајца аргентински заложници од кибуцот Нир Јицак, Фернандо Марман и Луис Норбето Хар, започнала со десетици воздушни напади врз баталјонот Шабура на Хамас за да не биде откриена вистинската цел за спасување на заложниците, на возраст од 61 и 70 години.
Двајца членови на истото семејство на овие заложници претходно биле ослободени за време на размената на заложници од 23-ти до 30-ти ноември.
Оваа операцијата била планирана извесно време, но досега била откажувана. Била разгледувана неколкупати неодамна, но била прекината, додека операцијата конечно не била одобрена во понеделник наутро.
Заложниците биле држени на вториот кат од зградата со силно обезбедување, како и од дополнителни чувари во соседната зграда.
Израелските сили влегле во комплексот тајно и употребиле експлозиви, силен оган а поседувале доверливи разузнавачки информации за точното поставување на заложниците наспроти нивните чувари за да ги спасат Марман и Хар без Хамас да може прво да ги убие, пишува весникот
Потоа, заложниците со хеликопетер се префрлени во Медицинскиот центар Шеба, каде се вели дека се во добра состојба. Еден војник е полесно повреден, но нема загианти на израелска страна во оваа операција. Не се известува за жртви на палестинската страна.