
Бројни жестоки реакции предизвика вчерашната ненајавена посета на техничкиот премиер Талат Џафери на СВР Тетово, каде според видеата кои беа објавени се гледа како тој со надмен и прекорувачки тон им се обраќа на вработените, кои беа собрани во просториите.
Од Независниот синдикат на полицијата излегоа со силна осуда за однесувањето на Џафери и апелираат политиката и политичките кампањи да се водат надвор од институциите, а работниците да не се злоупотребуваат за политички цели. Тие во Владата побараа средба со Џафери за да објасни кои му биле мотивите за појавувањето во СВР Тетово, но таму не го најдоа.
„Преку просториите каде што се полициските простории и каде што има работници на полицијата, политичарите што понастрана да не бараат гласови преку полицијата и да не барат гласови преку нешто за кое може само да направат штета и гнев кај работниците, како што јас имам гнев. Ние и на писмено ќе поднесеме барање кој му беше мотивот за влез снимање и сликање во СВР Тетово за да може да објави по медиумите“, изјави во саботата Гоце Делчев од Независниот синдикат на полицијата
На едно од видеата кои вчера беа објавени се гледа и како во одделот за замена на возачките дозволи Џафери своеволно ги собира потврдите од граѓаните кои чекаа и ги дели на службениците. Тој движејќи се низ канцелариите се обраќа со строг глас кон вработените, бара отчет за работата, информации за нивното присуство во канцелариите, и тие што не работат во тие простории да ги напуштат.
Однесувањето на Џафери за пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, е „лечење фрустрации“. Тој во објавата на социјалните мрежи посочува дека меѓудругото, жената на која Џафери ѝ се обраќа е сопруга на загинат полицаец во судирот со уфрлената терористичка група во кумановско Диво насеље.
Џафери по посетата во изјава за медиумите рече дека констатирал дека во СВР Тетово недостига организација во извршување на задачите на дневна основа и најави дека неговите ненајавени посети на државни институции ќе продолжат и во периодот кој следува.
Инаку, техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски во изминатиот период повеќепати реагираше дека Владата не му дозволила да назначи друг началник на СВР Тетово.