Андоновски: Владата има воспоставено систем за вработување по исклучиво партиски барања, институциите веднаш да постапат според закон

Институциите веднаш да постапат според законите и да се побара одговорност за градоначалникот на Чашка, кој треба да ја поништи систематизацијата во училиштето „Тодор Јанев“, каде имаше протести поради негово незаконско постапување. Тој надвор од законите утврдил категоризација Г4, што е недозволено за секретар на училиштето, а со цел да се вработи секретарот и да добие повисока плата.
Во случајот со ова училиште, секретарот спротивно на закон, добива категоризација Г4, иако највисока дозволена е Г2, само за да добие поголема плата. А, и покрај тоа што не бил испочитуван законот, МИОА дало согласност, свесни се прекршил закон.

Ова го посочи како еден пример, во гостувањето во „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, дополнителниот заменик на министерот за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски.

Тој потенцира дека Владата има воспоставено систем за вработување за да се задоволат исклучиво партиските барања, без оглед на нивните компетенции. Оттаму, институциите добиле обврска да ги одобрат плановите за вработување без разлика на финансиски импликации и реални потреби за вработување на луѓето кои имаат договор на определено време, наместо секое работно место да биде отворено за секој кандидат.
„Владата во ноември им наложи на сите државни институции во рок од 7 дена да даваат согласност за вработување, наместо од 30 дена, и да дадат исклучиво позитивно мислење за вработување трајно на луѓе кои биле претходно вработени привремено. Со заклучок на Влада кој оди во спротивност со законот, бидејќи законот бара вработување врз основа на мерит систем, на отворен повик и квалитет“ , истакна Андоновски.

Дека министрите свесно го прекршувале законот, додаде тој, јасен индикатор е што на сите предмети нема потпис од лицето кое го изработило предметот.
„Тоа значи дека административниот службеник укажал на незаконитоста и подготвувал негативно мислење, додека од страна на кабинетите се подготвувале и доставувале позитивни мислења, потенцира Андоновски.