Власта им помага на некои кандидати за претседатели кои се опозиција на опозицијата и се мачат да соберат потписи

-Очекував дел од потенцијалните кандидати да ги соберат побрзо потребните 10.000 потписи, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашното гостување во централниот дневник на ТВ Сител во „Тема на денот“.

Мицкоски додаде дека иако некои од кандидатите воделе кампања и се нарекувале  фаворити во трката за претседател на државата и по 5 дена не можат да ги соберат потребните потписи.

-Има некои од кандидатите за кои со недели се водеше кампања дека ќе бидат фаворити во трката за претседател, но гледаме еве и после 4-5 дена тешко оди собирањето и практично официјалната кандидатура, истакна тој.

Нагласи дека владејачките партии им помагаат на одредени кандидати за претседатели  со собирањето на потписите и со тоа практично, наместо да се натпреваруваат, тие се опозиција на опозицискиот кандидат.

-Има и такви примери каде владејачките партии собираат потписи за некои од кандидатите. Тоа е и целта на некои од нив, не да се натпреваруваат да бидат претседатели или претседателски кандидати, туку да бидат практично опозиција на опозицискиот кандидат. И тоа е целта на власта, додаде Мицкоски и порача:

„Мислам дека е тоа препознаено од граѓаните и дека ќе биде неуспешен тој обид“.