
Името на мандатарот кому ќе му биде доверено да ја формира идната влада на Србија ќе биде познато за десет дена, изјави во понеделникот челникот на Српската напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ, откако лидерите на таа партија официјално го информирале српскиот претседател Александар Вучиќ дека имаат мнозинство да формираат влада.
Вучиќ започна консултации со партиите и коалициите кои обезбедија влез во српскиот парламент и делат 250 пратенички места на крајот на февруари, но опозицискиот таканаречен проевропски централно-левичарски блок „Србија против насилството“ и конзервативната десничарска коалиција НАДА не одговорија на повикот, инсистирајќи дека изборите наводно со бројни нерегуларности не биле фер и дека, особено во Белград, биле украдени.
Лидерите на листата „Александар Вучиќ – Србија не смее да застане“ предводена од СНС и социјалистите СПС на актуелниот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ, коалиционен партнер кој ја дели власта со „напредњаците“ од 2012 година кога СНС победува во низа, засебно беа на состанокот со српскиот претседател во понеделникот.
Дачиќ ја истакна својата подготвеност да продолжи соработката со СНС и со претседателот на Србија, бидејќи тие се „горди на сите добри резултати што ги постигнавме заедно од 2012 година“. Нагласи дека „за развојот и иднината на Србија, од витално значење е да се зачува политичката стабилност“ како предуслов за „одбрана на државниот национален интерес“ и натамошен развој.
Во досегашниот тек на консултациите за идниот мандатар за состав на владата, српскиот претседател разговараше со претставници на листата „Усама Зукорлиќ – Обединети за правда – Партија на правдата и помирувањето – Бошњаци на Санџак“, „Томислав Жигманов – Демократски сојуз на Хрватите во Војводина“, а претходно се сретна со поранешните коалициски партнери, претставници на листата на Алијансата на војводинските Унгарци.
На прашањето дали очекува повторно да биде министер во новата влада, Жигманов одговори дека Вучиќ е јасен и дека ќе се заложи со „оние што победија на изборите“ да продолжи политиката на инклузивни односи кон припадниците на националните малцинства и да се одрази мултикултурализмот во Србија и во структурата на новата влада“.
„Мислам дека на сите им е јасно дека придобивките од ваквата состојба на работите за сите граѓани на Република Србија се повеќе од добри, дека е пофалена од бројни субјекти во меѓународната заедница и дека секако придонесуваме за порелаксирање односи во овој дел од Европа во оваа смисла“, рече Жигманов.
Српскиот парламент има 250 места, кои според изборните резултати се поделени на 10 изборни листи – СНС со 129 пратенички места, опозициската коалиција на централнолевичарската Србија против насилството (65), социјалистите на Ивица Дачиќ (18), конзервативно-националната коалиција НАДА (13), и листата на контроверзниот лекар Бранимир Несторовиќ „Ние – гласот на народот“ (13).
Во парламентот влегоа и пет малцински листи за кои не важеше изборниот праг од три отсто.
Вучиќ претходно изјави дека очекува до 15 март да се формира ноата српска влада.