На Волстрит нов рекорд за индексот S&P 500

На Волстрит во четвртокот индексот S&P 500 порасна втор ден по ред, достигнувајќи ново рекордно ниво, што најмногу се должи на растот на цените на акциите во технолошкиот сектор.

Индексот Dow Jones зајакна 0,34 отсто, на 38.791 поени, додека S&P 500 порасна за 1,03 отсто, на 5.157 поени, а индексот Nasdaq порасна за 1,51 отсто, на 16.273 поени.

S&P 500 постигна нов рекорд благодарение на растот на цените на акциите на технолошкиот сектор, особено на производителите на чипови, бидејќи инвеститорите очекуваат побарувачката за чиповите потребни за развој на вештачка интелигенција да остане силна.

Инвеститорите беа фокусирани и на продолжувањето на извештајот на претседателот на Fed, Џером Пауел до Конгресот. Тој повтори дека лидерите на Fed сакаат да бидат сигурни дека инфлацијата ќе продолжи да се намалува кон целното ниво од 2 проценти пред да одлучат да ги намалат каматните стапки и дека таа одлука се ближи.

Коментарите на Пауел ги зајакнаа проценките дека Fed може да започне со намалување на каматните стапки во јуни.

Поддршка за пазарот дадоа и новите податоци кои покажуваат дека американскиот пазар на труд постепено слабее. Во петок, пак, ќе биде објавен официјалниот извештај на владата за вработеноста во САД во февруари, што обично има значително влијание врз насоката на пазарот.

Иако Fed нема да ги намали каматните стапки толку агресивно како што се очекуваше, пазарот расте со месеци, најмногу благодарение на зголемените цени на акциите на технолошките гиганти. Инфлацијата постепено слабее, како и економијата, којашто, според сите оценки, ќе избегне рецесија и покрај агресивното зголемување на цената на парите.

„Сите чекаат нешто лошо да се случи, но ништо лошо не се случува во однос на економијата, пазарите, заработката на компаниите и монетарната политика. Благодарение на тоа, пазарот сè уште е во тркалање“, објаснува Џон Огустин, директор во „Huntington Private Bank“.