Митева до Кузеска: Сѐ додека барате виновници за вашите погрешни политики, ќе имате ваков пад во рејтингот

-Не може да зборуваме дека ВМРО-ДПМНЕ ги креираше редиците на возила што заминуваа да бараат вакцини во корона криза во соседна Србија. Не може да се зборува дека ВМРО-ДПМНЕ креираше паника кај граѓаните кои не можеа да стигнат до поевтино парче леб до маркетите. Не може да се зборува дека ВМРО-ДПМНЕ ја креираше паниката кај 600.000 граѓани кои живеат со 150 денари на ден, бидејќи тоа е статистика која е од државата, вели Марија Митева портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата Топ тема на ТВ Телма.

Таа истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има предизборна програма работена низ реален приказ, дека ќе донесе мерки кои нема да бидат празни ветувања, туку ќе бидат еден вид на промоција на проекти и идеи како ја замислува Македонија, 4 плус 4 години, односно долгорочно.

-Со сигурност можам да кажам дека како опозиција која е силно мотивирана да ги промени состојбите во Македонија, има доволно стручен тим кој работеше на програмата што во идниот период ќе биде промовирана, ќе покажеме колку навистина сме работеле, низ реален приказ да донесеме афирмативни мерки кои нема да бидат ниту надвор од рамката, ниту ќе бидат празни ветувања, туку еден вид на промоција на проекти и идеи како ние ја замислуваме Македонија, 4 плус 4 години.

Митева посочи дека ВМРО-ДПМНЕ и во иднина ќе продолжи да биде гласот на народот и ќе ја информира јавноста за сите погрешни политики од власта на СДС.

-Сѐ додека власта се обидува своите погрешни политики да ги презентира како некаква негативна реторика од сите останати чинители, а особено од ВМРО-ДПМНЕ, можам само да кажам дека и во иднина ќе продолжиме да бидеме гласот на народот. Јас сум една од оние луѓе во партијата кои секојдневно има прес конференции, изјави, гостувања каде што зборувам за сите погрешни политики и тоа не сметам дека е погрешен начин на комуникација со граѓаните, напротив, сѐ додека ја зборуваме вистината ќе бидеме на правиот пат, додаде Митева.

Митева ѝ порача на Кузеска дека сѐ додека бараа виновници за погрешните политики, ќе имаат ваков негативен пад во рејтингот.

-Сѐ додека продолжувате со реториката дека некој ви ја направил штетата, а не сте самите виновни, се доведувате до ситуација во која и се наоѓате, да имате огромен негативен пад во јавноста, ѝ порача Митева на Богданка Кузеска од СДС и нагласи:

-Она што можеби треба да го зборувате внатре во партијата е тоа колку финансиски средства трошите за промоција на вашиот лидер за фејсбук кампања, а каков е импактот што го добивате од тоа. Можеби во партијата треба да поразговарате за енормните цени кои ги трошите, наместо да зборуваме за ботови, рече Митева.