Европските берзи пораснаа пред американскиот извештај за инфлацијата

На европските берзи во вторник претпладнето цените на акциите пораснаа, по вчерашниот благ пад, бидејќи инвеститорите се надеваат на добри податоци за инфлацијата во САД и затоа што пазарите се поддржани од добрите деловни резултати на европските компании.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето порасна за 0,4 отсто, надополнувајќи ги вчерашните загуби. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,74 отсто, на 7.725 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,26 отсто, на 17.790 поени, а париски CAC 0,13 отсто, на 8.030 поени.

Цените на акциите пораснаа и на повеќето азиски берзи. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период од тргувањето како и во Европа порасна за 0,2 отсто, надополнувајќи ги вчерашните загуби. Претпладнето на токиската берза индексот Nikkei ослабе за 0,1 отсто, а цените на акциите во Шангај, исто така, паднаа за околу 0,4 отсто. Во Австралија, Јужна Кореја и Хонгконг, пак, тие се зголемија меѓу 0,1 и 3,1 отсто.

Најмногу претпладнето скокна берзанскиот индекс во Хонгконг, што најмногу се должи на растот на цените на акциите во технолошкиот сектор. Во Јапонија, пак, индексот Nikkei ослабна втор ден по ред, бидејќи се појасно е дека централната банка наскоро ќе ги укине негативните каматни стапки и ќе започне со нормализирање на монетарната политика, по неколку години исклучително стимулативна монетарна политика.

На останатите берзи се тргува внимателно, исто како вчера на Волстрит, кога Dow Jones зајакна за 0,12 отсто, додека S&P 500 се лизна за 0,11 отсто, а Nasdaq индексот за 0,41 отсто. Инвеститорите се претпазливи бидејќи оваа седмица ќе бидат објавени два извештаи кои ќе покажат како се движела инфлацијата во февруари и тоа може да влијае на одлуката за каматната стапка на американската централна банка.

Во вторник ќе биде објавен извештај за потрошувачките цени и во четврток за цените на производителите во февруари. Откако потрошувачките цени во јануари пораснаа нешто повеќе од очекуваното, аналитичарите анкетирани од Reuters проценија дека во февруари цените пораснале за 0,4 отсто на месечно ниво и 3,1 отсто на годишно ниво.

Минатата седмица, претседателот на Fed, Џером Пауел, рече дека челниците на централната банка сакаат да бидат сигурни дека инфлацијата ќе продолжи да слабее кон целното ниво од 2 отсто пред да одлучат да ги намалат каматните стапки. Коментарите на Пауел ги зајакнаа пазарните очекувања дека Fed може да започне со намалување на каматните стапки во јуни.