Борел: Исходот од војната во Украина ќе се решава оваа пролет и лето

Високиот претставник на Европската униај за заедничка надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, во четвртокот по состаноците во Вашингтон изјави дека испраќањето нова воена помош за Украина не може да чекам бидејќи исходот од војната во Украина ќе биде решен оваа пролет и лето.

Поради сомнежите за континуираната американска воена помош за Киев, Борел им рече на новинарите дека неговата порака до американските пратеници била: „Што и да треба да се направи, мора да се направи брзо“.

„Тоа е вистината за нас. Мораме да забрзаме. Мораме да ја зголемиме нашата помош, мораме да направиме повеќе и побрзо. Од таа причина ги зголемуваме нашите одбранбени способности. А тоа е вистината и за САД“, рече Борел за европската помош за украинската војна.

„Следниот месец ќе биде одлучувачки. Многу аналитичари очекуваат голема руска офанзива ова лето, а Украина не може да ги чека резултатите од следните американски избори“, додаде тој.

Америиканскиот претседател демократот Џо Бајден го поддржа испраќањето воена помош за Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година, додека неговиот главен републикански противник, Доналд Трамп, кој ја застапува американската политика на изолационизам, смета на намалено мешање на Соединетите држави во меѓународните односи на начин како што досега Вашингтон тоа го правеше а тој го опиша како „светски полицаец“. Трамп порачува дека доколку се врати во Белата куќа ќе ја заврши војната во Украина „за 24 часа“, но досега не обелодени на кој начин би го постигнал тоа.

Спикерот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон, сојузник на Трамп, досега одбиваше да повика на гласање за законот што ќе ѝ обезбеди на Украина дополнителни 60 милијарди долари. Републиканците го условуваат носењето на пакетот за голема воена помош за Украина, Израел и Тајван со буџетски издвојувања за зајакнување на границата кон Мексико преку која во САД изминаите години влегоа милиони илегални мигранти.