Силјановска – Давкова: Ќе водам скандинавска политика кон соседите, а првата посета би ми била на земја од регионот

-Оние кои се внатре нам ни правеа проблеми и забораваат дека во Лисабонскиот договор има еден член 8 што вели дека ЕУ ќе ги поттикнуваат договорите со соседите врз реципрочна основа и ќе помага на патот кон ЕУ, рече Гордана Силјановска-Давкова во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24 и нагласи дека „ако склучуваме договори за пријателство и добрососедство нема потреба од закани со вето.

Политиката што би ја водела кон соседите, доколку стане претседател на државата, би била скандинавска, а првата посета би и била на земја од регионот, можеби Словенија или Хрватска како членки на ЕУ.

-Затоа што ако не се обединиме и поддржуваме регионално, не можеме да очекуваме поддршка од останатите држави, изјавиСилјановска-Давкова, кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.

Како пример го посочи поддржувачкиот однос на Шведска, Финска и Данска кон Летонија, Естонија и Литванија на нивниот пат кон демократизација иако, рече, тие биле во полоша стартна позиција од земјите на поранешна Југославија.

Очекувала први да ни помогнат блиските држави членки во ЕУ, но тие, рече, „не можат да излезат од балканска логика на условување, национализам, балканизација, корупција и криминал“.

На прашање дали би го поканила на тет-а-тет средба претседателот на Бугарија, Румен Радев, одговори: „се разбира, не можете да избегате од географијата и од геополитиката“.

-Се разбира дека ќе разговарам за сѐ. За да ве почитува некој, треба да му дадете пример. Се разбира дека треба во Бугарија да имате пријатели кои ве ценат за да покажете дека знаете вистински пат да одберете. Ако јас сум објавила книги со Бугарија, ако во Венецијанска комисија сум се дружела со почит со колеги од Бугарија, ќе кажам дека е логично и во политиката наместо најпрагматничната формула кој, кога и како добива врзана само за моќ, можеме да посегнеме и по други перцепции на политиката како уметност на постигање на можноста, како потрага по согласност, по компромис. Како јавна, а не олигархиска работа. Сѐ е тоа во игра, рече Силјановска Давкова во интервјуто.

Не може, според неа, да се каже кога ќе се спроведат уставните измени, посочувајќи дека сме држава како ниедна друга која во тек на 30 години направила толку многу измени на Уставот и „тие не се однесуваат на уставен поредок и демократија, туку доаѓаат однадвор“.

-Договорот за добрососедство и пријателство го крши Бугарија, а не ние, нагласи таа. Додаде дека е фатален односот „вето ни стои над глава“ и смета дека има и други механизми – „потребни се гаранции од соседот како доказ за пријателство и добрососедство“.

На прашањето за можна промена на Преговарачка рамка, одговори дека сите договори мора да се базираат на темелните принципи на ЕУ и дека „има и посвета книга“ од Преговарачката рамка, а тоа се Лисабонскиот договор и Повелбата за човекови права.

-Може да течат преговори со Бугарија, но ветото не би смеело да се употреби заради овие темелни принципи. Може со анекс, толкување, со меѓусебен договор дека ветото нема да се употреби како камшик со кој ќе се заканувате на соседите, рече Силјановска-Давкова.

Додаде и дека фаталистичкиот однос кон ЕУ како кон догма е погрешен, дека ЕУ е пат или правна, политичка рамка за стандарди и „стандардна држава е она што нам ни треба“.

Во интервјуто таа кажа и дека без оглед на резултатот од изборите, дали ќе биде 59 или 61 пратеник, Влада без албански партии не е добро решение. Исто така, и Кабинет на претседател не е добро решение без Албанци, но во него да бидат стручни и компетентни Албанци.