
На европските берзи во средата во претпладневното тргување индексите се под притисок, бидејќи паднаа цените на акциите на производителите на луксузни стоки и затоа што инвеститорите не сакаат да ризикуваат пред одлуките и пораките на првиот човек на американската централна банка Federal Reserve (Fed).
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за 0,2 отсто во првиот пресек од тргувањето. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,08 отсто, на 7.730 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,09 отсто, на 17.970 поени, а париски CAC 0,55 отсто, на 8.155 поени.
Индексите се под притисок поради падот на цените на акциите на производителите на луксузни стоки, како што се LVMH, „Christian Dior“, „Hermes“ и „Burberry“. Најмногу падна цената на акцијата на „Kering“, за повеќе од 13 отсто, откако компанијата предупреди на пад на продажбата на азиските пазари.
A на повеќето азиски берзи цените на акциите пораснаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период како и во Европа порасна за 0,2 отсто. Во исто време, цените на акциите во Австралија паднаа за 0,1 отсто, додека во Хонгконг, Шангај и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,2 и 1,3 отсто. Во Јапонија денеска не се работи поради празник.
Така, повеќето берзи го следат вчерашниот раст на Волстрит. Индексот Dow Jones зајакна за 0,83 отсто, додека индексот S&P порасна за 0,56 отсто, а индексот Nasdaq за 0,39 отсто. Ова е благодарение, меѓу другото, и на порастот на цените на акциите на неколку технолошки гиганти, како што е „Nvidia“. Значително пораснаа и цените на акциите во нафтениот сектор, за повеќе од 1 процент во просек, бидејќи пораснаа цените на „црното злато“.
Инвеститорите денеска по дводневната седница ќе бидат фокусирани на одлуките и пораките на шефот на американската централна банка. Се очекува Fed да ги остави каматните стапки непроменети, а инвеститорите најмногу ги интересира што ќе каже претседателот на централната банка, Џером Пауел на прес-конференцијата по состанокот.
Бидејќи инфлацијата остана покачена во последните два месеца, сè помалку е веројатно дека ФЕД ќе ги намали каматните стапки во првата половина од годината. На пазарот на пари се проценува дека изгледите за намалување на каматните стапки во јуни паднаа на помалку од 60 отсто, додека пред една недела беа околу 70 отсто.
Сѐ повеќе аналитичари веруваат дека поради зголемената инфлација, Fed годинава ќе ги намали каматните стапки само три пати за 0,25 процентни поени, додека неодамна очекуваа пет или дури шест намалувања.