
Повеќе од 4.600 баратели на азил пристигнаа во Велика Британија со чамци од почетокот на 2024 година, што е рекордна бројка во првите три месеца од годината што му предизвикува политичка главоболка на премиерот Риши Сунак.
Податоците на Министерството за внатрешни работи во средата покажаа дека до 26-ти март биле забележани 4.644 лица кои го минале Каналот (Ла Манш). Во истиот период лани имало 3.770, а претходниот рекорд од 4.162 нелегални преминувања е забележан во 2022 година.
Сунак се надева дека планот за испраќање на мигрантите од Британија во Руанда ќе ги одврати луѓето од преминувањето на опасниот канал меѓу Британија и Франција. Законот со кој се операционализира овој план, треба да мине во британскиот Парламент следниот месец.
Вкупниот број годишни пристигнувања паднал за 36 отсто во споредба со рекордната 2022 година, па Сунак тврдеше дека неговата влада успева да ги „запре чамците“, едно од неговите клучни ветувања пред изборите што се очекуваат на крајот од годината.
Сепак, податоците за трите месеца од 2024 година го изложуваат Сунак на зголемен притисок, чии конзервативци се далеку зад лабуристите во анкетите.
„И покрај доказите за спротивното, Риши Сунак упорно им тврди на Британците дека преминувањата со чамци се намалуваат и дека неговото ветување се одржува“, рече портпаролот на лабуристите.