
Македонија останува без лекари. Загрижувачки се податоците на македонското лекарско друштво. Ако во 90-тите години во земјава имало 18.000 доктори, сега тој број е помал од 7000. Состојбата станува алармнантна бидејќи миграцата продолжува и секоја година во странство заминуваат по над 250 општи лекари и специјалисти. Од МЛД во пресрет на светскиот ден на здравјето порачаа, за да се задржи младиот медицински кадар во земјава треба да биде мотивиран.
– Треба да се направи добра регионализација, да им се обезбедат подобри услови за специјализација, напредување, брзо вработување, на некој начин со стипендии уште додека учат студентите по медицина и секако, да се почитуваат желбите за напредувањето или за визијата кои ја имаат младите за тука, изјави проф.д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво.
И најдобриот студент на медицина за минатата година смета дека сигурноста во однос на безбедноста и финансиите се клучни младите лекари да останат во земјава. Тој засега не планира кариерата да ја продолжи во странство иако на ваков чекор се одлучуваат многу негови колеги.
– Да знаеме дека зад нас стои некоја безбедност. Дали во однос на пациентите, некои незгодни ситуации, но, особено финансиската сигурност е многу важна, како што кажа и заменик-министерката, покачување на платите. Прво безбедносната сигурност и финансиската сигурност е тоа клучното што ќе не задржи тука да останеме, изјави д-р Леонид Рене Томас Караџинов, најдобар студент на медицина минатата година,
Но, освен лекари Македонија подолго време се соочува и со одлив и на медицински сестри и останат здравствен кадар. Речиси во секоја болница има двојно помалку сестри од потребните за нормално функционирање.
– Без човечки ресурси, без лекари и медицински сестри, не би можел да постои здравствен систем. Соработуваме и со други земји, со Словенија на пример, на еден проект за зајакнување на сестринството, затоа што тие би можеле да даваат многу поширок спектар на услуги, од овој што сега го даваат, изјави Ане Јохансен, претставничка на Светската здравствена организација (СЗО).
И властите се согласуваат дека финансиите се примарен, но и единствен услов за да се задржат здравствените работници во земјава. Неопходна е и нова инфраструктура и опрема.
– Тоа е зголемувањето на платите, со што ќе продолжиме и во наредниот период по завршување на изборите. Затоа што сметаме дека трудот на сите здравствени работници треба да се вреднува соодветно. Втората работа, што сметам дека е многу важна за останување на нашите пред се лекари во нашата земја, е навременото брзо упатување на специјализација, изјави Маја Манолева, заменичка министерка за здравство.
Но, незадоволни токму од платите неодамна пред министертвото протестираа приватните специјализанти, а за в понеделник протест најавија и Синдикатот на клинички и гранковиот за здравство при ССМ.