
Крајно несериозна и уште повеќе неодговорна е изјавата на министерката за одбрана Славјанка Петровска во која тврди дека бранителите во заседата кај Вејце загинале затоа што ВМРО ДПМНЕ во 2001 година, но и денес посакувало војна, објави утрово лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов.
Поранешниот генерал-мајор на специјалните единици на македонската полиција потсетува дека војната во 2001 година ја започна УЧК „кој во своето комунике број 4 јасно кажа дека нивна цел е ослободување на вековните албански огништа од славомакедонскиот окупатор“.
„Со оглед дека воуружените дејствија се одвиваа во тетовскиот, скопскиот и кумановско – липковскиот регион се доаѓа до логичен заклучок дека според УЧК оваа територија е нивна а тие за да ја ослободат започнаа со напади и убивања на припадниците на македонските безбедносни сили а подоцна и на цивили Македонци. Впрочем и тогашниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон најдобро опиша со кого си имаме работа дефиниријаки ги УЧК како убијци и разбојници“, додава Ангелов.
Актуелниот директор на ЦУК упати директна порака до министерката за одбрана.
„Значи министерке Петровска, не ВМРО ДПМНЕ туку Али Ахмети и УЧК започнаа долго и внимателно подготвувана војна за да отцепат дел од македонската територија. Но ние, македонските бранители од 2001-та, тоа не им го дозволивме. Не дозволивме да биде отцепена ниту педа македонска земја“, се вели во реакцијата на Ангелов на социјалните мрежи.