ВИДЕО| Скандал во Рим: Ѓоковиќ погоден со шише во глава, се здоби со расекотина

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во третото коло на Мастерсот во Рим, откако го совлада Французинот Корентин Муте со 2:0 (6:3, 6:1), а по мечот дојде до сериозен инцидент кога бил удрен по глава со шише со вода.

На Форо Италико, местото каде шест пати го подигна пехарот наменет за шампионот, кога застана да дава автограми, го удри тврд предмет сличен на шише со вода во главата.

Ѓоковиќ по мечот отиде да даде изјава, а потоа влезе во тунелот. На излегување од тунелот застана да даде автограми кога го удри метално шише во главата. Не се знае дали шишето летнало случајно, или некој намерно го насочил кон српскиот играч. Откако беше удрен, Новак го фати за глава и се наведна од болки, па јасно е дека не помина целосно неповреден. Обезбедувањето по инцидентот истрча да го заштити, а по нешто помалку од една минута Новак продолжи кон тунелот.

Според италијанските медиуми, бил удрен со метално шише во главата, по што во придружба на обезбедувањето го напуштил објектот. Според италијанските новинари, тој веднаш отишол во амбуланта и се пожалил на гадење.

Ударот бил силен, бидејќи шишето паднало од трибините и наводно испаднало од ранецот на момче кое се симнувало да земе автограм, но тоа сѐ уште не е потврдено.