Дел од српската опозицијата ги бојкотира претстојните избори во Белград

Рокот за поднесување на изборните листи за изборите во Белград на 2-ри јуни истече во неделата на полноќ, а дел од опозициските партии, обвинувајќи ја владејачката партија дека не создава фер изборни услови, решија да бојкотираат, што значително ги намалува шансите на опозицијата за прекинување на доминацијата на владејачката Српска напредна партија (СНС).

Изборите во Белград, одржани во декември минатата година, беа повторени откако владејачката СНС не успеа да формира мнозинство од советниците во градскиот парламент и со тврдењата на опозицијата дека изборите биле украдени, меѓу другото, со миграција и носење гласачи надвор од Белград.

Србија ги доби препораките на меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ (ОДИХР), но владата, и покрај притисокот од повеќето леви и десничарски опозициски партии, е обвинета дека не ги спроведува доследно, особено дека сè уште ја одржува контролата врз поголемиот дел од електронските и печатените медиуми.

На предлог на дел од парламентарната опозиција изнудена е измена на Законот за единствен избирачки список со кој се предвидува граѓаните кои го промениле местото на живеење во изминатите 11 месеци да не можат да гласаат на својата нова адреса, а ограничувањето важи за периодот од 3-ти јуни 2023 година до 3-ти јуни годинава.

Но, власта не се согласи да се одложат изборите во Белград и да се врзат за локални избори на крајот од годината за во меѓувреме да се воспостават фер услови за сите. Згора на тоа, таа ги помести и локалните избори за 2-ри јуни, со што се подели и левата и десната опозиција, па дел од партиите решија да останат надвор од изборната трка, тврдејќи дека повторно ќе има „изборен циркус“ во сценариото на СНС.

Пропадна и кампањата на граѓанските организации и опозицијата за повлекување на името на српскиот претседател и до неодамна лидер на прогресивците Александар Вучиќ од изборната листа на СНС, кој во мај минатата година формално поднесе оставка од партијата.

Името на Вучиќ беше на листите на декемвриските парламентарни избори а и за претстојните белградски и локални избори, иако тој не бил и не е кандидат за ниту една функција, што опозицијата и стручната јавност го сметаат за прекршување на уставните и законските норми во однос на мешање на приватни и јавни интереси шеф на државата.

На неодамнешната предизборна средба во Белград, самиот Вучиќ, незадоволен од настапот на одредени прогресивци, на своите сопартијци јасно им стави до знаење дека тој сѐ уште е неприкосновен лидер.

„Само размислете, ако се тргнам од листата, колку луѓе би гласале за вас“, им рече Вучиќ на прогресивците и државните функционери од СНС на митингот на крајот на март во белградската сала Шумице.

Градската изборна комисија во Белград повторно ја прифати листата на СНС со името на Вучиќ, а такви листи се поднесени и за локалните избори што ќе се одржат на 2-ри јуни во уште 64 општини и градови низ Србија.

Несогласувањето во опозицискиот табор и нееднаквите позиции за изборните услови ги подели опозициските партии и коалиции, од кои значаен дел на крајот нема да учествуваат на претстојните избори. Според некои аналитичари, таквиот однос предизвика и конфузија кај гласачите, што на крајот може да влијае на излезноста и значително да ги намали шансите за победа на опозициските партии во Белград.