
Осомничениот извршител на двојното убиство извршено во вторникот во скопското село Стајковци е хоспитализиран со повреди, потврди вечерва Министерството за внатрешни работи.
Во СВР Скопје во 12,30 часот било пријавено дека во село Стајковци, на тераса и на скали во домот, со повреди на главата биле пронајдени 64-годишниот В.К. и неговата снаа 57-годишната С.К..
Лекар од Итна медицинска помош на местото констатирал смрт кај жената С.К., додека В.К. со повреди бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде што починал во 14.00 часот.
Осомничен е 67-годишниот Љ.К., брат на В.К., кој, како што информира МВР, имал здравствени проблеми. Тој бил пронајден со убодни рани од полицајци од Полициската станица Гази Баба и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје.
Љ.К. е пренесен за укажување помош во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски Скопје“.
Директорот на клиниката, д-р Љубен Арсенков, потврди дека е хоспитализиран пациент на околу 70 години со исеченици и површни повреди во предлот на левата страна на градниот кош и на главата.
МВР презема мерки за целосно расчистување на случајот.