ВИДЕО| Во антифранцуските немири во Нова Каледонија, над 130 уапсени, една жртва

Повеќе од 130 лица се уапсени во Нова Каледонија, француска прекуморска територија, по втората ноќ на насилни протести на поборниците на независноста, соопшти во средата француската висока комисија, а телевизијата BFMTV објави дека едно лице загинало во немирите.

Немирите започнаа во понеделникот додека Франција расправаше за планираниот закон со кој на илјадници француски граѓани на јужниот пацифички архипелаг ќе им се даде право на глас, а со тоа и поголемо политичко влијание. Националното собрание во Париз преку ноќ ја усвои реформата со 351 глас за и 153 против.

Околу 60 полицајци беа повредени во немирите, но нивната „посветеност и професионалност“ се за пофалба, соопшти Комисијата во средата. Запалени се бројни згради, вклучително и училишта. Беше спречен планирано масовно бегство од затворот во главниот град Нуме, се додава.

Во сила е ноќен полициски час, а од жителите е побарано да го ограничат движењето во текот на денот, според Комисијата. На сила е и забраната за собирање, продажба на алкохол и носење оружје. Аеродромот е затворен.

За Париз, Нова Каледонија е важна геополитички, воено, но и поради наоѓалиштата на никел.

Областа со околу 270.000 жители доби голема автономија со договорот со Номе. Островот се наоѓа на околу 1.200 километри источно од Австралија.

Жителите гласаа да остане дел од Франција на секој од трите референдуми за независност во 2018, 2020 и 2021 година. Но, движењето за независност го бојкотираше последното гласање и објави дека нема да го прифати резултатот.