
Претседателот на Италијанската фудбалска федерација Габриеле Гравина ѝ го честита на Аталанта освоениот трофеј во Лигата на Европа.
„Аталанта е гордоста на Италија! Честитки до семејството Перкаси (сопствениците на Аталанта), целото раководство на клубот, спортскиот и техничкиот штаб и играчите! Овој триумф е природен резултат на годините на раст на клубот од Бергамо“, посочи Гравина во честитката.
Аталанта во средата вечер го совлада Баер Леверкузен со 3-0 во финалето на Лигата на Европа во Даблин и го освои својот прв европски трофеј во историјата.
„Ова се многу години на доследно менаџирање, на убав стил на игра и на изнесување во преден план бројни таленти кои ќе останат во историјата на нашиот фудбал“, напиша првиот човек на италијанскиот фудбал.