Од Зеленски било барано да не притиска со приемот на Украина во НАТО

Неколку земји членки на НАТО, вклучително и САД и Германија, се противат на објавувањето рокови за приемот на Украина во северноатлатнскиот воен блок и забрзувањето на процедурата, стравувајќи од ескалација на односите со Русија, пишува британскиот весник The Daily Telegraph, повикувајќи се на извори од Вашингтон и до Брисел.

Според сознанијата на весникот, од украинскиот претседател Володомир Зеленски било побарано да не врши дополнителен притисок врз земјите кои се залагаат за побрзо проширување на НАТО, пред самитот на алијансата во јули. Се додава и дека Велика Британија, Литванија и Франција инсистираат во завршниот документ од самитот да биде содржан зборот „покана“, која треба да му биде упатена на Киев.

„Луѓето во (администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден) се многу скептични околу дозволувањето на Украина годинава да продолжи со приближувањето кон полноправно членство во НАТО. САД, можеби, не се толку загрижени за тоа како Германија, но постои загриженост од заканата од Русија за остатокот од алијансата“, рекол еден од неименуваните соговорници на The Daily Telegraph.

Според весникот, иако на самитот не се планира да се одреди краен рок за пристапувањето на Украина во сојузот, на Киев ќе му биде понудена одредена маршрута за постигнување на таа цел, што треба да ја истакне континуираната поддршка за оваа иницијатива. Конкретно, станува збор за натамошна помош на украинската војска, како и изјава за подготвеност на членките на алијансата веднаш да ја прифатат Украина во своите редови кога сите челници на земјите членки на организацијата ќе дојдат до заклучокот дека е дојдено времето за тоа.

„Тоа не е покана, но е најдоброто што може да се понуди“, рекол за весникот дипломат информиран со прашањето.

Во написот се напомнува дека високи претставници на НАТО му се обратиле на Зеленски со такво мислење уште по минатиот самит во Литванија, откако во сојузот сметале дека земјите кои го поддржуваат влезот на Украина, вклучително и Велика Британија, направиле „многу голем притисок“ во врска со ова прашање.

„Од Зеленски беше побарано да не врши притисок врз поединечни сојузници уште еднаш да поддржат давање јасна временска рамка за пристапувањето на Украина“ вклучително и во Европската унија, се наведува во написот цитирајќи соговорник.

Според сознанијата на The Daily Telegraph, Украина нема да напредува кон членството во НАТО на овогодишниот самит поради стравувањата дека алијансата „може да биде вовлечена во војна со Русија“. Двајца неименувани соговорници на весникот рекле дека на самитот челниците на алијансата ќе понудат таканаречено „премостување“ за пристапување како сигнал за поддршка на процесот.

„Пакетот за поддршка, за кој во моментов се дискутира, ќе го нагласи правото на Украина самата да ја избере сопствената иднина и ќе покаже дека патот до полноправното членство е сѐ пократок“, рекле двата дипломата за британскиот весник.

Претходно месецов германскиот канцелар Олаф Шолц призна дека Украина можеби нема да стане членка на НАТО во текот на следните 30 години. Шефот на Воениот комитет на НАТО, холандскиот адмирал Роб Бауер, пак, во март изјави дека прашањето за членството на Украина во алијансата е веќе решено, но оти се водат дискусии за тоа „кога тоа ќе се случи и што за тоа ќе биде потребно“.

Постојаната претставничка на САД во НАТО, Џулијан Смит, кон крајот на април изјави дека Зеленски ќе биде поканет на самитот на блокот планиран во Вашингтон во јули, бидејќи ќе биде клучна темата за Украина. Притоа појасни дека не се очекува украинското членство веќе на идниот самит. Генералниот секретар на алијансата Јенс Столтенберг уште во април рече дека не очекува договор за членството на Украина на претстојниот самит.