
Изборите за европскиот парламент завршија. Резултатите беа целосно очекувани. Плус-минус некој пратеник, ништо не смени. Ништо не смени ни катастрофалниот пораз на партијата на францускиот претседател, како ни поразот на тројната коалиција на германскиот канцелар. Едноставно тоа се очекуваше со месеци наназад. Тоа што нешто може да промени е одлуката на францускиот претседател да го распушти долниот дом на парламентот и да свика вонредни и брзи избори. При ова, да нема забуни, промената може да биде и евентуална негова оставка по изборите. Тешко дека господинот Макрон ќе може да соработува со лидерот на крајната десница, како иден премиер, доколку се повторат резултатите од европските избори. Во секој случај, евентуалната победа на француската крајна десница може и ќе значи крај на Европската Унија, таква каква што ја познаваме.
Изминативе неколку години, помалки или повеќе, прикриените недоразбирања помеѓу претседателот Макрон и Канцеларот Шолц се чувствуваа во сите области на делувањето на Унијата. Внатрешните противречности во двете држави, кои во суштина ги предизвикаа недоразбирањата, по изборите, ќе се зголемуваат. Од тие причини тешко е да се замисли, во услови на германски канцелар, од редовите на демохристијаните, и француски премиер, од редовите на крајната десница, некаква тесна соработка. Сега за сега, тоа и успева само на италијанската премиерка од редовите на крајната десница. Таа всушност е најголемиот победник на овие избори.
На надворешно-политички терен, состојбата за овие две држави е уште полоша. Изминативе години овие две држави, не само што не забелажаа успех, туку доживеаа сериозни неуспеси. Франција дефинитивно ја изгуби Африка, а Германија посебно во одннос на војната во Газа, покажа дека не е релевантен играч. Уште повеќе, двете држави не успеаа да направат сериозен исчекор во балансирањето на економско-трговската соработка со Кина. За односите со САД, воопшто и да не зборуваме. Одлуката на американскиот конгрес да ја субвенционира индустријата на електрични автомобили, со милајарди долари, се заканува да ја уништи европската автомобилска индустрија. Ниту Франција, ниту Германија, а бога ми ниту Унијата во целост, не успеваат да извршат притисок врз САД за да ја смени оваа одлука. Претседателот Бјаден, се покажа поголем протекционист од неговиот претходник Трамп. Уште повеќе, неговите економски политики, во комбинација со војната во Украина, ја одвојуваат американската економија од европската. Разликата во растот на бруто домашниот производ, секоја година станува се поголема. Доколку овој тренд продолжи, на среден рок, транс-атланскиот сојуз ќе почне да покажува напукнувања. На долг рок, добри се шансите Европа да стане светски музеј. Едноставно, притиснати од постојаниот силен раст на Кина, но и на останатите држави од јужна Азија, САД немаат друг избор освен да ја зајакнуваат својата економија, па и на штета на своите европски сојузници.
Всушност, долгорочно гледано тоа им е единствениот избор. Однесувањето на глобалниот југ кон војната во Украина, но и палестинко-израелскиот судир, јасно покажува дека уни-поларниот свестски систем, воспоставен по распадот на Советскиот Сојуз, исчезнува. Евентуалната одлука на Турција да стане полноправна членка на БРИКС, ќе значи почеток на крајот на најмоќното оружје на светскиот хегемон, а тоа е НАТО. САД ќе немаат друг избор освен да го прифатат новиот мултиполарен систем.
Сценарија за Европа, како светски музеј, и САД, како една од повеќето равноправни големи сили, најлесно се пишуваат. Јавањето на моменталните глобални текови, многу лесно води кон такви заклучоци. Потребно е само да се игнорираат страничните тенденции. Во случајов тие се незначителни во однос на фактот дека во моментов, и најверојатно во еден подолг период, центарот на светскиот систем ќе биде Пацификот. Со самото тоа, за разлика од Европа, САД сеуште се дел од него. Разбирливо, нивниот стратешки интерес се’ повеќе и повеќе се насочува во тој правец, а со цел успорување на економскиот раст на Кина. Кога и како, делумно или целосно ќе ја напуштат Европа, ќе зависи само од нивната економска моќ.
И државите и академските кругови со исклучително внимание ги следат овие процеси. Разбирливо! Историски гледано замената на еден хегемон со друг, најчесто е пропратено со регионална или светска војна. Зависно од моќта на растечкиот хегемон-предизвикувач. Во моментов се чини предизвикувачот е подготвен на компромис! Колку САД ќе бидат подготвени по претседателските избори, е прашање од милион долари. Прашање на кое многу држави во светот немаат или имаат нецелосен одговор. Моментната конфузија која владее во меѓународните односи е резултат на недостаток на точен одговор. Сите сценарија се разработуваат и воигруваат.
Република Македонија требе да го следи овој тренд. Требе да порасне и да сфати дека живее во свет во кој правото на грешки е сведено на минимум. Ако воопшто и постои!? За почеток, под итно да ги дефинира националните интереси. Теоретски гледано, националните интереси на сите држави се горе-долу слични. Заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет, просперитетот на државата и благосостојбата на населението. Во зависност од спецификите кон овие постулати се додаваат и заштита на историското и културното наследство или некој друг значаен сегмент. Дефинирањето на македонските национални интереси ќе овозможи принципиелно и институционално спроведување на надворешната политика. Ќе овозможи Република Македонија како членка на НАТО и кандидат за Европската Унија да воспостави своја автохтона надворешна политика. И уште нешто, ќе овозможи политичките елити, но и граѓаните, да разберат дека членството во НАТО и членството во Европската Унија не се македонски национален интерес. Тие се средства за остварување на македонските национални интереси. Исто како што се средства на сите останати држави членки на овие две организации. И не само тие. Резултатите од изборите за европскиот парламнет се потврда на оваа теза. Дополнително, дефинирањето на македонските национални интереси, ќе отвори пат, во догледно време министерството за надворешни работи да изготви и стратегија за национална безбедност. Документ кој насушно ни е потребен.
Автохтоноста на македонската надворешна политика ќе овозможи и видливост на Република Македонија на меѓународната сцена. Македонија е мала, слаба, а на моменти и неорганизирана држава. Но, таа е држава. И како таква треба да биде респектирана од останатите држави. Реципроцитетот во меѓународните односи е легитмна алатка. И таа треба да се користи безкомпромисно. Исто како и постојаното и гласно инсистирање на доследното почитување на меѓународното право. Малите држави, за разлика од големите, немаат друг одбрамбен механизам освен инсистирањето на почитувањето на меѓународното право. Израелско-палестинскиот судир беше и е одлична можност македонската дипломатија да ја покаже својата автохтоност, но и видливост. Во тој контекст признавањето на палестинската држава, од страна на Македонија, ќе преставува квантен скок во нејзината надворешна политика. Се разбира за тоа е потребна храброст базирана врз принципи. Дополнително, а согласно националните интереси, таквиот чекор ќе отвори можност за интензивирање на соработката со државите од Блискиот и Средниот исток. Ќе може да им парира на Албанија, Србија и Грција, кои веќе подолго време се присутни во овој регион.
Тенденцијата на развој на македонско-кинеската соработка претходната влада ја прекина. Се разбира на штета на Македонија. И тоа треба веднаш да се поправи! Не смееме да дозволиме Србија, Грција и Бугарија, а делумно и Романија, целосно да го заобиколат коридорот 10 и да ја направат Македонија слепо црево на Балканот. Нашиот развој зависи од тоа. Силното кинеско присуство во Грција, Србија и Унгарија, сосема природно посакува присуство и во Македонија. Ќе требе време и енергија штетата да се поправи, но ќе се исплати.
Националните интереси на секоја една држава се себични. Тие всушност ја изразуваат причината заради која една држава постои. Го објаснуваат феноменот на откажувањето на луѓето од своите природни права во корист на државата. Тие, во крајна линија, се и главниот извор на постојани недоразбирања и конфликти помеѓу државите. И тоа не може да се смени. Се додека постојат држави ќе постојат и национални интереси. Се додека постојат национални интереси, себичноста ќе преовладува во меѓународните односи. Време е и Република Македонија ова да го прифати како неминовност.
Автор: Јован Донев за НетПрес