Над 1,9 трилиони долари изнесува буџетскиот дефицит на САД за фискалната 2024-та, според CBO

Буџетскиот дефицит на САД ќе скокне во фискалната 2024 година за 13 отсто и ќе достигне 1,915 трилиони долари, прогнозира независниот институт CBO, зголемувајќи ја проценката од почетокот на годината.

Сумата е 400 милијарди долари поголема од прогнозата на институтот во февруари и највисока од почетокот на објавувањето на извештаите, без периодот на пандемијата. Членови на CBO се поранешни функционери на централната банка Федералните резерви (Federal Reserve – Fed), Министерството за финансии и поранешни претставници во Конгресот. Во 2023 година, според податоците на институтот, дефицитот изнесувал 1,694 трилиони долари.

Изразен како дел од бруто домашниот производст (БДП), буџетскиот дефицит ќе изнесува седум проценти во фискалната 2024 година, се наведува во извештајот на CBO, објавен во вторникот. Во претходната година таа изнесуваше 6,3 отсто.

Скокот на дефицитот во фискалната 2024 година е резултат на повисоките трошоци за студентски заеми и бесплатната или евтината програма за здравствено осигурување Medicaid, како и трошоците за колапс на банките и помошта за Украина и Израел.

Фискалната година во најголемата светска економија завршува во септември.

Јавниот долг изразен како дел од БДП треба да се зголеми на 99 отсто, од 97,3 отсто во фискалната 2023 година.

Според нивните пресметки, растот на најголемата светска економија би требало нагло да забави во календарската 2024 година, на два отсто, од 3,1 отсто во 2023 година, со поголема невработеност и малку поблага инфлација. CBO очекува иста стапка на раст и во следната година, додавајќи дека таа треба да се стабилизира на ниво од околу 1,8 отсто од 2026 година.

„Бранот на имиграција што започна во 2021 година треба да продолжи до крајот на 2026 година и да ја прошири работната сила и да ја стимулира економската активност“, се вели во извештајот.

Централната банка ќе одговори на забавувањето на растот со намалување на каматните стапки од почетокот на следната година, прогнозира CBO.