
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во април 2024 година, изнесува 41.085 денари, соопшти Државниот завод за статистика, додавајќи дека просечната бруто-плата за истиот месец е 61.703 денари.
Според податоците на ДЗС, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во април 2024 година, во однос на април 2023 година, изнесува 113.7.
Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: образование (21,8%), земјоделство, шумарство и рибарство (18,6%) и информации и комуникации (18%).
Зголемување по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: земјоделство, шумарство и рибарство (6,3%), информации и комуникации (5,7%) и транспорт и складирање (4,9%).