
Осум пожари на отворено и неколку помали интервенции се регистрирани во последното деноноќие, а од вчерашните сѐ уште активен е пожарот во реонот на селото Цер, Кичевско, јавува Центарот за управување со кризи.
Веќе петти ден е актиевн пожарот кај местото викано Рамнин, во атарот на селото Цер (Општина Кичево), каде на почетокот гореше нискостеблеста деградирана шума, сува трева и смрека. Во гасненењето на овој пожар досега интервенирале пожарникарите од ТППЕ Кичево и вработените во јавното претпријатие „Национални шуми“ подружница „Лопушник“ во Кичево, припадници на ДЗС и МВР.
Вчера било интервенирано од воздух, со хеликоптер на МВР, при што бил неутрализиран еден крак од пожарот. И покрај ваквите интервенции пожарот не е целосно изгаснат, сѐ уште е активен и постои опасност да навлезе во букова шума, а во тој случај многу тешко би можел да се контролира.
За денеска е планирано вработените во „Национални шуми“ подружница „Лопушник“ и месното население да интервенираат заедно со воздушна поддршка од страна на МВР во гаснење на пожарот.
Другите седум пожари на отворено се изгаснати целосно.